
Шабан Салиу чека обвинение и го фали „до гроб“ професор доктор Мицкоски
Поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, а сегашен министер без ресор Шабан Салиу, кој е еден од ретките актуелни функционери осомничени во истрагата што се води за трагедијата во Кочани, излезе пред Владата на прес-конференција како претседател на партијата Демократски сили на Ромите (ДСР).
Препорачано
Додека се чека кочанското обвинителство да поведе обвинение, во кое може да се најде и Салиу, тој излезе со фалби за, како што го нарече премиерот – професор доктор Христијан Мицкоски, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ – стратешки партнер за кој Салиу децидно порача дека нема да го сменат.
На средбата со новинарите што ја одржува неколку месеци пред локалните избори, Салиу прво ја испофали идејата на премиерот за една изборна единица, но ги спомна и 22 илјади гласачи на неговата партија што ќе бидат потенцијални гласачи на претстојните избори за кандидатите на коалицијата предводена од ВМРО -ДПМНЕ.
Вкупно 22 години се верен партнер на ВМРО-ДПМНЕ
– Ние, како партија Демократски сили на Ромите, и јас како претседател на оваа политичка партија, го прифаќаме таквиот модел. Тоа е одличен модел за помалите етнички заедници, одличен модел за помалите политички партии да можат да се интегрираат, односно да излезат сами на избори, да добијат свои пратеници и преку свои пратеници потоа да коалицираат со онаа партија што има повеќе пратеници, односно да партиципираат во власта. Јас кога бев пратеник заедно со други пратеници што бевме актуелни во тоа време, го доставивме на два начина: Македонија да биде една изборна единица, а вториот – како загарантирани пратенички места за помалите етнички заедници. Меѓутоа, тоа не се случи, не успеавме да имаме загарантирани места. Мое лично мислење е дека доколку имаше таква можност, ДСР ќе имаше три пратеници – рече Салиу.
Втората работа за која тој ја извести јавноста е дека откако бил пуштен од затворски притвор, одржале собрание на партијата на кое учествувале 46 општински политички организации на ДСР, при што донеле одлука дека остануваат во коалиција со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
– Ние, како партија, од основањето па досега, вкупно 22 години сме верен стратешки партнер на ВМРО-ДПМНЕ, коалицираме со нив од 2002 година. Јас, како претседател на партијата, сум овластен да ги претставувам интересите на нашата политичка партија и на нашето членство, и ќе бидеме задоволни ако постои и таков изборен модел, затоа што на тој начин можеме да добиеме повеќе пратеници. Тие 22 илјади гласачи што ги имаме се во сите општини во државата, а има шест изборни единици, што не ни дава никаква можност да добиеме пратеник, затоа што секаде имаме од 3 до 4 илјади гласачи, а тоа не е доволно. Според Донтовиот модел, ни требаат околу 8 до 10 илјади гласови во една општина за да добиеме пратеник – рече Салиу.
Тој најави дека нивните гласачи ќе гласаат за сите кандидати за градоначалници што ќе ги определи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на територијата на цела држава, како и за советниците.
– Нашата политичка партија никогаш не сменила страна, ние сме сериозни, одговорни луѓе, партија што знае да се интегрира и остануваме доследни на нашиот коалициски партнер – рече Салиу.
Тој беше подготвен и за одговор на прашањето за истрагата што се води против него. За тоа се води по максимата „секој е невин додека не биде осуден“. Со „душа и со срце“ тврди дека нема никаква вина.
– Апсолутно во тој поглед не чувствувам одговорност. Верувам во нашата држава, верувам во институциите на системот, верувам дека правосудните органи ќе ги согледаат аргументите и сите други моменти од тој случај. Јас сум правник по вокација, доктор по политички правни науки, 18 години сум бил адвокат, сум работел по судовите. Оставам на совеста на државата да оцени дали имам вина или немам вина. Лично, со душа и со срце тврдам дека немам апсолутна вина во тој поглед. Истрагата е секогаш потребна во одредени случаи, јас почитувам максимално, се водам од општата правна иницијатива од општата пресумпција на невиност дека сè додека не се докаже дека некој е виновен, додека некој не се осуди, тоа значи дека е невин – рече Салиу.
Секој е невин додека не биде осуден, вели Салиу
Салиу беше меѓу последните осомничени за трагедијата во Кочани и веднаш му беше одреден затворски притвор, но штипска Апелација по негова жалба на 23 мај го пушти од притвор од Куманово. Судот му определи мерки на претпазливост.
– Првостепениот суд при одлучувањето која од мерките за обезбедување присуство на обвинетиот ќе ја примени, не водел доволна сметка за тоа дали основната цел на определување на мерките за обезбедување на осомничениот може да биде постигната со определување некоја друга поблага мерка на претпазливост. Со оглед на неговата возраст, како и семејните односи, овој суд утврди дека опасноста од бегство или можноста осомничениот на друг начин да се крие и на тој начин да го попречува успешното водење на кривичната постапка, може да се отстрани со мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето – град С.. Второстепениот суд одлучи привремено да му се одземе патната или друга исправа за преминување на државна граница и да се забрана нејзино издавање, потоа забрана за употреба на лична карта за преминување на државната граница, како и обврска осомничениот да се јавува во Основниот кривичен суд Скопје кај определено службено лице секој понеделник и петок.
Шабан Салиу: И со душа и со срце тврдам дека немам апсолутна вина за Кочани
Истрагата за Кочани е затворена и кон средината на месецов треба да биде поднесено обвинение за дел од истрагата што ја води кочанското обвинителство. Истрагата, пак, за полицајците може да потрае и да се проширува уште шест месеци.