
Семејствата на загинатите од модуларната утре ќе протестираат во Скопје: Јавното обвинителство ги штити одговорните за трагедијата
Семејствата на загинатите од модуларната болница во Тетово утре со протестен марш кој ќе започне од плоштадот „Скендербег“ во Скопје се до Јавното обвинителство ќе бараат правда и одговорност за пожарот во модуларната кој одзеде и 14 човечки животи.
Препорачано
„Почитувани граѓани и медиуми ве известуваме дека утре во Скопје ќе се организира протест, односно марш од наша страна како семејства на загинатите во модуларната болница во Тетово. Протестниот марш ќе започне од 14 часот од плоштадот „Скендербег“ во Скопје и ќе заврши пред Јавното обвинителство, институција која ги има затворено очите и ги штити одговорните за трагедијата каде изгореа 14 наши луѓе. Има апелираме на граѓаните да ни се придружат на нашите барања за правда, а на политичарите им порачуваме да стојат што подалеку од нашиот протест за добивање на политички поени“, рече Мумин Исмаили чија мајка загина во пожарот во модуларната болница.
Минаата недела 14 изгорени маички беа закачени на локацијата каде беше поставена модуларната болница во кругот на Клиничката болница Тетово, која пред две години целосно изгоре со 14 луѓе, 12 пациенти и двајца роднини на заразените од Ковид 19.
Маичките ја симболизираа трагедијата која ја потресе Македонија и регионот.
Мумин Исмаили заедно со останатите роднини на загинатите од местото на несреќата организираа протестен марш.
По пожарот на 8 септември 2021 година, почна истрага, која резултираше со обвинителен предлог до Основен суд Тетово на 27 јули 2022. Обвинителството ги обвини двајцата директори на Клиничка болница Тетово, Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ и докторот Бобан Вучевски за кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела „предизвикување на општа опасност“ и „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.
Првото судско рочиште беше закажано за 6 септември, но четири пати беше одложувано и судскиот процес почна на 4 декември 2022 година.
Судењето заврши на 5 јуни 2023 година, при што условна осуда од година и половина добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.
Според пресудата, Флорин Бесими и Артан Етеми добија казна затвор од по една година и шест месеци. Им се изрекува условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело.
Основното јавно обвинителство Тетово, еден месец подоцна на 10 јули 2023 година поднесе жалба на изречената првостепена пресуда.