
Сега кој ќе биде демократски пример?
Луѓето низ светот до неодамна во Европа и во Америка можеа да видат како економскиот раст, социјалната правда и политичките слободи се компатибилни и како меѓусебно се зајакнуваат. Авторитаризмот сега е во пораст на двете места, а демократски примери можат да се најдат и на друго место.
Како тинејџер што растел во Истанбул, имав среќа да бидам дел од генерација што имаше демократски примери во близина. Европските земји како Британија, Франција, Германија и Шведска ги поттикнаа нашите стремежи кон просперитет и демократија, давајќи ни надеж за иднината на нашиот сопствен несовршен политички поредок. Искуствата на овие земји ни покажаа дека економскиот раст, социјалната правда и политичката слобода не само што се компатибилни, туку и дека меѓусебно се зајакнуваат.
Препорачано
Каде денешната младина може да најде слични, инспиративни примери? Некогаш се чинеше дека либералната демократија е предодредена да прерасне во бран на иднината. Но, денес демократското назадување стана глобален феномен, а Америка на Доналд Трамп е само највпечатливиот и најдраматичен пример.
Од 2010-тите, „изборните автократии“ (режими што одржуваат периодични избори, но во услови на постојана репресија) станаа доминантен облик на владеење низ светот. Либералните демократии сега имаат речиси 220 милиони луѓе помалку отколку во 2012 година. „Изборните демократии“ – облик на режим што отвора пат за либерална демократија – исто така го изгубија тлото под нозете: сега имаат 1,2 милијарди луѓе помалку отколку во 2012 година. Нив ги заменија изборни автократии, или едноставно автократии, кои сега владеат над 5,8 милијарди луѓе (2,4 милијарди повеќе отколку во 2012 година).
Улогата на Европа како светилник на демократијата повеќе не е толку сјајна. Европската Унија одигра клучна улога во земјите од Источна Европа во зајакнувањето на демократијата за време на транзицијата од социјализмот: Чешката Република и Естонија сега заземаат водечки места на светската ранг-листа на либерални демократии. Но, многу други земји (особено Полска, Унгарија и Словачка) доживеаја значајно назадување, а ЕУ се покажа немоќна да се справи со тоа. Словачкиот премиер Роберт Фицо, заедно со рускиот претседател Владимир Путин, севернокорејскиот диктатор Ким Џонг Ун и уште дваесетина авторитарни лидери, отпатува во Пекинг за да му помогне на кинескиот претседател Си Џинпинг да ја демонстрира кинеската воена моќ.
Водечките европски земји со право можат да нагласуваат дека нивната демократија не е толку оштетена како американската. Но, Европа не покажува ниту економска сила ниту политичка кохезија. Нејзината самодоверба е очигледно на дното, што го докажуваат и отстапките на Европа пред царинските закани на Трамп.
Европските лидери се надеваа дека интеграцијата ќе ја зголеми моќта и влијанието на нивниот регион на глобалната сцена. Наместо тоа, изгледа дека ЕУ е заробена во трајно преодна состојба што произведува парализа. Нејзините институции и процеси спречуваат поединечни земји самостојно да преземат смели акции, а истовремено им недостасува способност да развијат и спроведуваат заедничка визија.
Ако на демократска Европа ѝ недостасува способност да врши влијание надвор од своите граници, тогаш оние што имаат моќ на глобалната сцена престанаа да бидат примери. Малкумина очекуваа дека Америка ќе биде способна за толку драматичен пресврт кон авторитаризмот, но Трамп земјата ја претвори во отпадник речиси преку ноќ. Неговите постапки ѝ олеснија на Кина да се претстави како одговорна „возрасна личност во собата“, а Си Џинпинг со задоволство зборува за „суверена еднаквост“, „владеење на меѓународното право“ и „мултилатерализам“.
Не треба да има сомнежи во врска со природата на кинескиот режим. Кинеските економски достигнувања не се причина да се имитира нејзината политика. Кина останува многу авторитарна земја, земја во која малцинствата се потиснати, а политичката опозиција строго забранета.
Светли точки на демократијата мораме да бараме на неочекувани места. Бразил и Јужноафриканската Република, на пример, две земји со средни приходи, делат ретка одлика: неодамна беа на работ на авторитаризмот, но неповредени се извлекоа од него.
Јужна Африка доживеа авторитарен популизам и широко распространета корупција за време на претседателскиот мандат на Џејкоб Зума од 2009 до 2018 година; поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, одби да го прифати својот изборен пораз и оркестрираше воен пуч (и убиство на својот противник) во 2022 година. Па сепак, и двајцата беа наследени од лидери со солидно демократско досие: Сирил Рамафоса во Јужноафриканската Република и Луиз Инасио Лула да Силва во Бразил.
Што ги прави овие успеси извонредни? Постигнати се во услови кои политиколозите ги сметаат за особено неповолни за демократијата. Јужна Африка и Бразил не се карактеризираат само со длабоки етнички поделби. Тие две земји имаат некои од највисоките нивоа на нееднаквост во светот. Уште од Аристотел, филозофите тврдеа дека отсуството на голем јаз меѓу богатите и сиромашните е предуслов за стабилна демократија. Искуствата на Бразил и Јужноафриканската Република покажуваат посложена слика, што е охрабрувачки за заговорниците на демократијата.
Добри вести има и во други земји. Минатата година, кога јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол за првпат од 1980 година прогласи вонредна состојба, демократските сили и парламентот пружија отпор. Во рок од неколку недели, Јун беше сменет од функцијата.
Стабилна демократија успеа да одржи и Чиле по крајот на диктатурата на генералот Аугусто Пиноче (1973 – 1990).
Меѓу најуспешните демократии надвор од Европа се наоѓаат мали земји што остануваат под радарот во дискусиите за демократскиот пад. Тајван, Уругвај, Костарика, Маурициус и Боцвана постигнаа високи резултати на Индексот на демократија на Економист (последните две се особено значајни во Африка поради долговечноста на своето демократско владеење).
Можеби нашите надежи дека ќе го одржиме жив пламенот на демократијата треба да ги насочиме кон овие неочекувани примери. Како и сè друго, на демократијата ѝ се потребни примери. Иако традиционалните примери ја изгубија својата релевантност, сè уште постојат земји во кои заговорниците на демократијата би можеле да најдат инспирација.
Вијести
(Авторот е професор на Харвард)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“