Фотографија: М-НАВ

Се враќаме во времето на „стап и коноп“ – рачно да ги слетуваме авионите

М-НАВ ги применува соодветните процедури и во моментов нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај на Скопскиот аеродром. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони што можат да се опслужат на еден час, изјави директорот на М-НАВ, Владимир Ристески.

Да се слетува рачно авион е како со помош на „стап и коноп“ да го наведуваме авионот. Таа процедура е можна, но побавна и веќе заборавена меѓу контролорите на летови, објаснува за „Слободен печат“ пилотот Венко Биковски. Претходно, порталот СДК откри дека од саботата наутро контролорите на летови не можат преку електронската табла да го следат слетувањето на авионите. Од двата радара на скопскиот аеродром, во функција бил само еден и тој се расипал. Од МНАВ ја потврдија веста, а вчера информираа и дека стапиле во контакт со производителот и ќе се спроведе онлајн детектирање на проблемот кај еден од радарите.

– Стапено е директно во контакт со производителот и дозволен е онлајн пристап до уредот за да се направи дијагностика од производителот и да дадат предлози и поддршка за решавање на проблемот. М-НАВ воедно, вонредно ги ангажира своите стручни лица со цел што побрзо враќање на радарската глава Алениа – Бањски Рид во употреба – изјави за МИА директорот на М-НАВ Владимир Ристески.

Тој вели дека ваквите технички дефекти од електронска природа се нормални појави во авијација и кога се случуваат има предвидено соодветни безбедносни процедури во работата со цел да се продолжи со давање на услуги кон авиокомпаниите во такви околности.

– М-НАВ ги применува токму тие процедури и во моментов нема никакво безбедносно влијание врз одвивањето на воздушниот сообраќај на Скопскиот аеродром. Единствена промена е регулацијата на бројот на авиони што можат да се опслужат на еден час. Овие регулации ќе останат во сила, сè до отстранување на дефектот на радарската глава – изјави Ристески.

Губат и авиокомпаниите и патниците

Биковски објаснува дека сега контролорите на летови имаат тешка задача: во глава да си прават слика каква што е на екранот.

– Што се случува сега, еве ќе ви објаснам со една компарација. Кога ѕидарот мерел раздалечина меѓу ѕидовите некогаш употребувал метро, или јаже, а сега со ласeрско мерење, зракот во милиметри ќе ви измери сè што е потребно. Сега кога им откажал вториот, секундарен радар, тоа значи дека контролорот не го гледа авионот, па со стапче и со конопче ќе траба да се прават пресметки во кое време и на која висина ќе биде авионот и сето тоа треба да се прави во главата на контролорот, затоа што нема веќе радарска слика, ништо веќе не гледа на екранот. Тоа е метода што се користела многу порано. Еве еден куриозитет од времето кога јас летав, во времето на бивша Југославија: тогаш Грција беше прогласена за црна дупка на контрола на летање во Европа затоа што немаа вградени радари – појаснува Биковски.

Тој појаснува дека и кога се слетува и кога се полетува мора да се запазат сигурносни и безбедносни дистанци.

– Таа безбедносна дистанца значи дека некој некаде мора да чека додека другиот не слета. Сето тоа, во услови на рачно слетување, доведува до тоа да се зголеми времетраењето на летот, а тоа значи зголемени трошоци и непријатност и за патниците и за компанијата и за услугата – вели Биковски.

Сепак, како што изјавија од М-НАВ за „Слободен печат“, досега ниту една од авиокомпаниите не се пожалила кај нив за зголеменото времетраење на летот или, пак, за проблеми при слетување.

СДСМ: Власта беше глува за поплаките на контролорите

Од СДСМ обвинија дека „ова не е само технички дефект, ова е последица на насилното вдомување партиски кадри во една од најважните институции за безбедноста на сите нас“.

– Власта беше глува на сите предупредувањата на контролорите дека клучната опрема, вклучително и радарите и софтверот, е на работ на функционалноста. Новото раководство вети дека наскоро ќе се инсталира целосно нов систем, но тоа не се случи. Сега ќе понесе ли некој одговорност од власта? Наместо решенија, ВМРО-ДПМНЕ ја претвори Македонската навигација во нов плен за партиски вработувања и договори за „своите“. Денес резултатот е јасен: граѓаните и патниците се изложени на ризик. Македонија изгледа несериозно пред светот. Институцијата што треба да биде симбол на професионализам е сведена на партиска филијала – вели портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.

М-НАВ во минатото го следеа низа скандали и партиски препукувања. Минатата година осум лица направија упад во просториите на контролата на летање и имаше напад врз тројца контролори на летање. Се отвори истрага и се разрешија директори. Непосредно пред да се обелодени веста за расипаниот радар, Струковиот синдикат на контролори на летање на Македонија (ССКЛМ) извести дека ја стави во мирување најавената одлука за штрајк. Претседателот на ССКЛМ Александар Тасевски изјави дека барањата на синдикатот се придвижуваат, поточно одобрено е барањето за вработување контролори и за спроведување функционална анализа, која треба да определи кои работни места и колкав број извршители се потребни. Во август, пак, административниот дел од компјутерската мрежа на М-НАВ АД Скопје беше превентивно исклучена од интернет поради сомнеж од можен хакерски напад. Се покажа дека имало нелегално влегување во мрежата.

М-НАВ се финансира од надоместокот остварен по основ на давање услуги на воздухопловна навигација, надоместоци за обуки, како и од кредити и други заеми.

„Средствата што ги добива М-НАВ АД – Скопје (давател на услуги во воздухопловната навигација) се користат за да се обезбеди безбедност и сигурност во воздухопловството преку инвестирање во надградба на системите, нивно редовно одржување и вложување во кадарот што работи во нашето Друштво што опфаќа плати и нивно континуирано стручно оспособување“, пишува на веб-страницата на М-НАВ.

Италијанците ги пречекориле роковите

Договорот за набавка, инсталација и пуштање во работа на нов МодеС радар се склучи на 2.12.2022 година и неговата реализација се одвива со одредени задоцнувања поради добавувачот, апелира М-НАВ и во последниот извештај за своето работење, а кој се однесува за третиот квартал од 2024 година.

„Во извештајниот период беше реализиран ФАТ (Factory Acceptance Test) во фабриките на ‘Леонардо’ во Рим и Фусаро. Исто така, се водеа активности околу изработка на амандман бр. 2 на договорот, со цел дефинирање нова временска рамка за реализација на договорот, како и дефинирање на доцнењата од страна на ‘Леонардо’ при реализација на проектот“, пишува во Извештајот за третиот квартал од 2024 година.

Директорот на М-НАВ Владимир Ристески по обелоденувањето на веста за расипан радар, изјави дека тие веќе подолго време чекаат дел од Италија, но дека тој доцни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот