
Сè уште не видовме стратешки договор со Велика Британија, вели Пендаровски
Поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски во интервју за Дојче веле вели дека Договор за стратешко партнерство меѓу Македонија и Велика Британија не е потпишан.
Препорачано
Според него, Владата најавила стратешки договор со Обединетото Кралство, но досега е виден само меморандум за соработка.
„Во она што го видовме, нема ништо стратешко. Тоа што ни е дадено на увид и што е ратификувано во средата попладне, не е договор за стратешко партнерство“, вели Пендаровски.
Тоа, како што посочува Пендаровски, според содржината, може да биде меморандум за соработка, дури и почетно писмо за намери во кои двете влади набројуваат четири области во кои допрва треба да седнат работни групи и да прецизираат какви проекти би работеле.
„И според таа содржина генерална, не станува збор за ништо стратешко туку станува збор за кредитирање на проектите кои допрва ќе бидат прецизирани од двете страни – британско кредитирање за инфраструктурни проекти во Македонија. Тие најавуваат дека е можно да постои втор договор после овој кој би бил за стратешките аспекти на нашите билатерални односи со Лондон.
Да сме живи и здрави можеби и тоа еден ден ќе биде. Но ова нема врска со никаква врска со стратегија, тоа е начелен договор допрва да седнеме и да видиме што вам ви треба за кредитирање“, вели Пендаровски.