
Се споредуваат ли дипломите од факултетот на тате со постдокторските усовршувања на Харвард?
Мицкоски само си го брише путерот што му се лизга од главата кога е неговата образовна биографија во прашање и се обидува да ги избрише трагите од лизгавата материја на лицето токму на подрачјето каде што нема никакво крпче: образованието на сега неговиот клучен политички конкурент!
Култниот писател на соцреализмот Максим Горки во своите сеќавања насловени „Мои универзитети“ со голема горчина го опишува своето образовно издигнување во животот. Поседувајќи само љубопитност кон книгата и менувајќи многу занаети за кои не му била неопходна диплома Алексеј Пешков (неговото вистинско име) тврдел дека како личност се изградил преку отпорот кон средината – „никогаш не очекував помош од никого, како што не очекував ниту дека некогаш ќе имам среќна пауза“.
Препорачано
Дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не очекувал дека нема да има помош од некаде во текот на своето формално образование? Ова ни доаѓа во мислите откако го повторивме сознанието што тој му гo предочи на сега експремиерот на Бугарија Борисов при нивната средба надвор од границите за „неговите универзитети“.
Запрашан од бугарскиот премиер како тој како опозиционер ги гледа идните македонско-бугарски „одношенија“ , Христијан Мицкоски го одбегнува директниот одговор, небаре е во некое од македонските ТВ-студија (кое било, да се разбереме) и почнува да говори за своето европејство, додавајќи го како доказ фактот дека магистрирал како стипендист на италијанската влада во Италија, а докторирал како стипендист на германската влада во Германија.
Оваа негова – да ја наречеме биографска арабеска – не остави впечаток на Борисов, но покажа дека едноставно и надвор од границите шефот на опозицијата, сега новоизбран, благо речено не ја говори вистината. Не знаејќи дека средбата е снимана, во мизансцен на студентска менза, на валкана маса полна со испиени шишенца, кои бугарскиот шеф на владата со еден потег ги тргна од пред окото на камерата, за се да биде појасно во визирот на сведоштвото за тој миг, практично Мицкоски прескокна прилично голем период од својот живот, како и фактот дека неговите дипломи се апсолутен производ на сенката на неговиот татко – професор на факултетот каде што студирал: Машинскиот во Скопје.
Во неговите официјални податоци од факултетот стои дека студирал на оваа високошколска македонска установа (од 1996 до 2001 година), потоа дека тука магистрирал (2001-2003), а дека тука и докторирал (во периодот 2005-2009). Притоа во периодот 2001-2002 бил главен проектант и изведувач во фирмата „Фото клима“. Добро, Мицкоски завршил факултет, но оние што се проектанти, макар и обични, знаат дека треба многу време и бара многу проекти зад себе за да се добие звањето проектант, а да не говориме за она „главен проектант“. Правното лице, според регистрацијата, е фирма за монтажа на клима-уреди.
Во периодот 2002-2004 година станал помлад асистент, а во 2004 година станува асистент на овој факултет.
Клучот за овие негови „универзитети“ секако е татко му Иван Мицкоски, долгогодишен професор и тогаш актуелен продекан за финансии на факултетот. Впрочем, многу е пишувано на тема – потенцијален непотизам, што е видлив од овој дел на биографијата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ!.
Патем, и кај одделот научни трудови, кога ќе кликнете нема ништо, кај трудови стојат само неколку интерни скрипти како учебни помагала! А помлад асистент, па потоа дури и асистент. Нели, очекувате тој напредок да биде верификуван со нешто. А згора и проектант, па уште и главен проектант и изведувач за што на вистинските носители на овие титули секако им се бурбати кога ќе се прават споредби. Ако на сајтот на Машинскиот кликнете на она „проекти“ не добивате – ништо. Зеро!
Толку за овие споредби, бидејќи делумно читателите се упатени во оваа тематика. Но, поводот секако си го дава самиот Мицкоски – нападот врз новоизбраниот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски непосредно по неговиот избор. Прашањето за образованието стана точка каде ќе се оспорува неговиот квалитет.
Всушност, Мицкоски само си го брише путерот што му се лизга од главата кога е неговата образовна биографија во прашање и се обидува да ги избрише трагите од лизгавата материја на лицето токму на подрачјето каде нема никакво крпче: образованието на сега неговиот клучен политички конкурент!
Факт е, на пример, дека завршниот дел од средното образование го завршува во гимназијата „Вотервил елизиан мористаун“ во Минесота, САД. И во мое време одредени добри ученици со соодветно познавање на англискиот можеа до матура да стигнат во САД – Васил Тупурковски беше еден од таквите, на пример.
Ковачевски јасно кажува дека дипломирал и магистрирал на УКИМ.
Докторските студии по економија ги завршува на Економскиот факултет на Универзитетот Црна Гора во 2008 година каде што се стекнува со титулата доктор на економски науки. И ова е чест пример кога се настојува да се докторира надвор од матичната земја чисто заради засилување на уверливоста на квалитетот одбрана на дисертација на „туѓ терен“. Односно, со ова се настојувало да се убеди јавноста дека во докторирањето најмалку постои она „тате“ како во случајот со Мицкоски! Што споредуваме сега?! Зарем и ова не е доволно кога се работи за штабот од Белата палата?
Секако дека постои и практиката на постдокторски усовршување (човек се учи додека е жив, освен ако не се смета за „најумен“). Ковачевски имал такви искуства со стручно усовршување на Школата за бизнис при Универзитетот Харвард во 2011 година, продолжува и на Европскиот претприeмачки колоквиум на Техничкиот универзитет во Минхен каде што станал ЕФЕР ЕЕЦ Алумни во 2015 година. Тука се, да споменеме, Школата за менаџмент при Универзитетот Еразмус во Ротердам во Холандија во 2016 година и ЕАДА Школата за бизнис во Барселона, Шпанија, во 2017 година, што и не било можно без совршено знаење на англискиот и добро познавање на германскиот. Ако некој има во Белата палата „да го испита“, нека повели!
Колку за портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, кој го обвинува Ковачевски дека направил „фотошоп“ со дипломата на Харвард. Знаеме дека Наум Стоилковски е вешт мајстор да прави конструкции, па и тоа дека некој дипломирал на Харвард – пишувањето на вистината не се учи ниту со минат стаж во „Република“, а најмалку во пропадната телевизија „Нова“. Да говори за постдокторско усовршување може само некој што е барем приближно достоен за тоа ниво. Знаете, според oнаа латинската „simillis simili gaudet“. Ова секако важи и за „синот на тате“.
Извор: Цивил медија