
Се одложуваат пациентите за брахитерапија на Онкологија, бидејќи апаратот се сервисира
Еден од апаратите на Клиниката за онкологија кој служи за гинеколошка брахитерапија во моментов иако е во функција, не ги опслужува пациентите поради сервисирање, потврди за „Слободен печат“ директорот на Клиниката доктор Игор Стојковски.
Препорачано
-Имавме проблем бидејќи доцневме со потпишување на сервисниот договор. За апаратот е потребен радиоактивен извор кој се менува на 3-5 месеци и доцневме со сервисниот договор. Имавме тендерска процедура, тоа го решивме пред 1-2 недели го нарачавме изворот. Пациентите се одложуваат, но во меѓувреме поминуваат други процедури од протоколот и за 1-2 недели очекуваме овој апарат да е во функција, изјави доктор Стојковски за „Слободен печат“.
Некои хемотерапии на Клиниката за онкологија за кои дел од пациентите во „Слободен печат“ викендов алармираа дека недостигаат, се пристигнати, уверува тој.
Се работеше за лекот „таксол“ кој веќе е пристигнат на Онкологија, а недостигале и неколку од поевтините хемотерапии што се на позитивната листа, но и таа ситуација според директорот се нормализира.
-Таксол дојде, а „цисплатил“ има замена. И за „таксол“ имаше замена, но сега го има. Проблем е што некои пациенти не прифаќаат замена иако и таа функционира, ни изјави директорот.
Викендов на социјалните мрежи пациентка болна од рак бараше помош за да може да си купи лекови во странство и да ја продолжи борбата за живот. Стануваше збор за 46-годишната Даниела Јакимовска.
„Апел за помош. Драги добри луѓе, имам многу да кажам, а не ми излегува ниту еден збор од душата. Во тешка ситуација сум, потребна ми е финансиска помош. Не барам милостина, барам шанса за живот. На мои 46 години се разболев од рак на дојка. Поминав сите тие хемотерапии и баш кога помислив дека се спасив, за неполна година ракот се врати во многу поагресивна форма како метастази на црн дроб. Скоро сите испитувања ги правам надвор од Паланка, дел и приватно. Хемо нема на Онкологија, купувам од други држави, реагенси за тумор маркери нема, и тоа го правам приватно, а уште многу други давачки… Моето семејство веќе не е финансиски моќно да го издржи овој товар. А како да се откажам од желбата за живот“, појаснува таа.
Откако на Клиниката за онкологија во ревизорски извештаи на Државниот завод за ревизија беа констатирани недоследности во смисла на земање терапија на реверс пред неколку години, оваа ситуација се направи обид да се нормализира така што реверсите кои се законски забранети беа променети со законски набавки на терапија и многукратно зголемување на буџетите. И во ваква ситуација понекогаш на Клиниката снемува лекови. Бројот на пациенти расте што беше причина да се воведе двосменско работење на дневната болница.