
Се бара долгорочен план за преземањето на вработените во Стопанска банка Битола по преземањето од Алта банка
За акциите е понудена единечна цена од 3.777 денари. Понудата ќе се смета за успешна доколку акционерите продадат најмалку 273.795 акции, односно 70,03 отсто од вкупно издадените 371.538 обични акции со право на глас
Синдикатот на вработените во Стопанска банка Битола, кој опфаќа 90 отсто од работниот кадар, смета дека понудата за преземање од Алта банка е прифатлива. Но, потребно е да се исполнат одредени услови, а имаат и барање до преземачот да им достави детален долгорочен план за преземање на вработените. Ова е нивното мислење, што уследило откако го добиле ставот што по ова прашање го има Управниот одбор на битолската банка, информира pari.com.mk.
Препорачано
– Преземачот Алта Банка АД Белград очекува зголемен обем на активностите, а во согласност со проспектот планирано е зголемување на бројот вработените. Бараме од преземачот да ни се достави детален долгорочен план за преземањето на вработените, со тенденција за понатамошна едукација на вработените и можност за нивно унапредување и соодветно на тоа и зголемување на платата“, стои во известувањето, потпишано од претседателките на синдикалните организации на СФДМ и на СФОМ при СТББТ, Дијана Ацковска и Силвана Кузеска-Масалковска.
Понудата ја сметаат за прифатлива за вработените под услов единствено хоризонтална прераспределба на вработените во однос на потребите на Банката и вертикална прераспределба, но само во насока на раст и унапредување, без вертикална прераспределба на хиерархиски пониска работна позиција, додаваат од Синдикатот.
Инаку, како што е посочено, од проспектот приложен од Алта банка вработените можеле да заклучат дека преземањето ќе ја развие и ќе ја модернизира СТББТ. За акциите е понудена единечна цена од 3.777 денари. Понудата ќе се смета за успешна доколку акционерите продадат најмалку 273.795 акции, односно 70,03 отсто од вкупно издадените 371.538 обични акции со право на глас.