
СДСМ: Тошковски има намера да спроведе целосна партизација на МВР
Во собраниска процедура е ставен невиден и скандалозен предлог-закон, кој претставува еден од низата опасни и антидржавни потези на министерот Панче Тошковски, обвинува СДСМ.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според портпаролката Богданка Кузеска, со предложениот Закон за полиција, Тошковски има намера да спроведе целосна партизација на полицијата преку рушење на кариерниот и професионалниот систем на Министерството за внатрешни работи.
„Министерот Тошковски бесрамно ги намалува сите критериуми и стандарди за вработените во полицијата, со намера да воспостави систем за окупација на МВР преку партиски послушници. За професионалците повеќе нема да има место во МВР. Безочно се симнуваат критериумите за потребното образование и се намалува бараното искуство за највисоките оперативни позиции во МВР. Со ова ќе може да се инсталираат исклучиво партиски лојалисти, без адекватно образование и кредибилно искуство. Доколку ова се случи, безбедноста на граѓаните е сериозно доведена во прашање. Наместо Тошковски да биде чувар на редот, тој злонамерно го руши безбедносниот систем, окупирајќи клучна институција на државниот суверенитет“, изјави Кузеска.
Дополнително, таа рече дека Тошковски ги брише условите за минимум 6 години искуство и 4 години раководна функција за началници на СВР. Кузеска посочи дека додека полицајци со децении ризикуваат животи, работат прекувремено и се доусовршуваат, „новите „шефови“ ќе влегуваат на задна врата за партиски да го окупираат МВР, претворајќи го во партиска милиција или приватна пара-полиција“.
„Панче Тошковски предлага укинување и на Регионалните центри за гранични работи, што е директен удар по суверенитетот и безбедноста на границите. Наместо да ја јакне граничната контрола, Тошковски ја урива. Дали ова е подготовка за прием на мигранти?Замислете, Тошковски сака да брише податоци од полициските евиденции, наместо тие трајно да останат архивирани. Ова е дрска правна заврзлама која има за цел да ги скрие сите траги од злоупотреби и криминал. Панче Тошковски ја подига старосната граница за вработување во полицијата на 30 години. Со ова се елиминираат младите професионалци и се отвора простор за вдомување на партиски кадри кои не ги исполнуваат критериумите“, изјави Кузеска.
Според неа, најскандалозен е предлогот за бришење на член 19, со кој Тошковски сака да овозможи во полицијата да останат лица кои се осудени и кои имаат забрани за работа, а притоа да бидат амнестирани од одговорност по одлука на министерот. Обвини дека министерот Панче Тошковски има расипана намера своеволно да ги амнестира сите прекршители на внатрешните правила и процедури.
„Наместо да ги штити граѓаните, Панче се ставил во функција на легализација на беззаконието и заштита на криминалот. Од друга страна со предложените измени му се овозможува на Тошковски секој што и на криво ќе го погледне да биде лишен од слобода. Дали Панче Тошковски со овој Закон станува главен партиски мафијаш?“, праша Кузеска.