
СДСМ ги поддржува протестите, но не ги организира, вели Јон Фрчкоски
Јон Фрчкоски од СДСМ вечерва во „Отворено“ на ТВ „24“ рече дека како партија ги поддржуваат протестите кои се случуваат во земјата, но не се дел од нивната организација.
Препорачано
Според него, протестите се нормална и природна реакција.
„Нашиот принцип е секогаш поддршка на протестите, нормални се и природни, но не значи дека стоиме во организација. СДСМ нема организациски дел во вчерашните протести. За поздрав е тоа што излегоа на протест. Сите барања ги поддржуваме и секогаш сметаме дека поддршката и слушање на граѓаните за нас е битно и е водилка. СДСМ не е во организација, но секој наш член што сака да биде дел од протестите, тоа може да го направи, ние нема да се мешаме“, рече Фрчкоски.
За пожарот во Кочани, тој рече дела полицијата имала основи да реагира уште пред да се случи трагедијата.
„Се поставува прашање за селективноста. Не треба владата да има брза реакција, треба институциите да имаат. Ние имаме полициски службеници за кои се води истрага за несторување, непостапување, но ништо не е во корелација со настанот. Полицијата била присутна во дискотеката. Тие налетале на малолетници, на пиротехника, на клуб без лиценца. Настан кој не е пријавен. И сега имате четири основи по кои требало да превенираат и по кој основ да постапеле, немаше да имаме ваков случај и тоа треба да се расчисти“, рече Фрчкоски.