
„Сапорт Кочани“, Сојузот на извидници и Калина Чакареска се добитници на наградата за младинско учество
Младинската иницијатива родена како одговор на трагедијата во дискотеката „Пулс“ – „Сапорт Кочани“, најстарата младинска организација во Македонија – Сојузот на извидници и средношколката и волонтерка во здружението „Аква“ од Струга – Калина Чакареска се овогодишните добитници на Наградата за младинско учество, пренесе „Радио МОФ“.
Препорачано
Наградите, со кои се препознава и валоризира трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања, беа доделени на Денот на младите, а организатор беше Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) во соработка со Министерство за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) и со поддршка на Мисијата на ОБСЕ.
„Сапорт Кочани“ ја доби наградата во категоријата неформални групи. Од НМСМ велат дека се работи за група млади, лично засегнати, кои се организираа за да обезбедат итна помош за жртвите и нивните семејства, креирајќи успешна онлајн кампања и ИТ-систем за транспарентно прибирање и распределување на донации. Активистите на „Сапорт Кочани“ успеаја да обезбедат медицинска опрема за болницата и да ја претворат личната загуба во организирана акција на солидарност и општествена одговорност за целата заедница, велат од НМСМ.
„Сапорт Кочани“, вашата реакција и организираност во момент на најголемата трагедија е пример дека заедништвото и солидарноста се најголемата сила што ја имаме. Искрено ви честитам за вашата храброст и одговорност, Вашата посветеност останува како инспирација за сите нас“, посочија организаторите при врачување на наградата.
На Сојузот на извидници на Македонија му беше врачена награда во категоријата младински организации. Се работи за организација со повеќе од 65 години искуство во неформалното образование, а беше наградена за иницијативата „Sunshine Summer Initiative“ – летен камп одржан во Охрид за 45 деца од Украина, целосно организиран од десетмина млади волонтери од Македонија.
Во индивидуалната категорија (млади на возраст од 15 до 29 години) плакета ѝ беше врачена на Калина Чакареска. Таа со лична посветеност ја осмисли и предводеше програмата „Насилство? Првите врски?“, која нуди едукација и поддршка за девојки на возраст од 15 до 22 години во препознавање и спречување на насилство во младите емотивни врски.
Како што објаснија од НМСМ, Калина преку обуки, женски клуб за психолошка поддршка и интерактивни работилници, допре до девојки и од урбани и од рурални средини, промовирајќи родова еднаквост, самодоверба и здрави односи.
„Калина, преку својата работа покажуваш дека промената почнува од еден храбар чекор. Твојата иницијатива не само што подигна свест, туку и создаде заедница на поддршка и солидарност за младите девојки. Ти честитаме што со личен пример докажуваш дека младите можат да бидат двигатели на вистински општествени промени“, нагласија организаторите на Наградата за младинско учество.