
Самохраните родители бараат реформирање на нивната помош
Институциите се неподготвени да го следат владиното темпо при носењето мерки за помош на населението. За да се најдете во една од категориите во досегашните сетови државна помош, беа потребни куп документи и покрај фактот што постојано ни се фалат дека сѐ се обезбедува „со само еден клик“.
Препорачано
Доцнењето на објавата на списоците на оние кои ќе добијат по 6.000 денари, како и продолжувањето на рокот за нивно користење, е само уште едно признание дека меѓусебната поврзаност на институциите е една од најлабавите алки. Страницата „Купувам домашно“ и натаму се ажурира, ги нема ни листите на корисници и трговци, а не функционира и делот за поднесување приговори.
За среќа, Владата во последен миг се премисли, па така околу 300.000 граѓани кои ќе добијат 6.000 денари, ќе можат да ги користат и по предвидениот рок 25 декември 2020 година.
– Доколку не беа опструкциите и блокадите во Собранието од страна на опозицијата за навремена реализација на четвртиот пакет економски мерки, граѓаните ќе беа во можност своите средства да ги користат доста порано, а со тоа и економската активност во државата ќе се подобреше порано – се правдаат од Владата, со ветување дека страницата kupuvamdomasno.gov.mk, се очекува да биде ажурирана до крајот на неделава?!
Со оглед дека едни од засегнатите со оваа мерка се самохраните родители, граѓанската организација за унапредување на правата на родителските семејства – „Една може“, побара итно реобмислување и реформирање на мерката за самохрани родители и еднородителски семејства од четвртиот антикризен пакет на Владата. Според оваа организација, документите од матичната книга (родени, умрени, венчани) кои се бараат при аплицирањето, се издаваат во рок од пет до 10 дена и ова е првата неможност за користење на мерката. Тие истакнуваат дека многу коментари пристигнале на нивната онлајн платформа од жени-самохрани мајки, кои не успеале да аплицираат за мерката.
– Меѓуопштинскиот центар за социјални работи е најсоодветен по службена должност да ги обезбеди потребните документи за секоја самохрана мајка што ќе се пријави, а треба да се промени и остварениот приход од јануари – август од 120.000 на 200.000 денари за да ги опфати сите самохрани мајки што земаат плата под просечната – сметаат од „Една може“. Оттаму посочуваат и дека на 14 декември веб-страницата на „Службен весник“ била целосно недостапна за граѓаните. Тој ден, всушност, на страницата било назначено што е самохран родител и што треба да поднесе од документација ако сака да аплицира за мерката.
Според Законот за финансиска помош за ранливите категории, листата на самохрани родители корисници на финансиска поддршка ја изготвува УЈП и ја доставува до Генералниот секретаријат на Владата, во рок од пет дена од денот на неговото влегување во сила.