Фото: mia.mk

С. Македонија и Албанија први земји од Конвенцијата за полициска соработка на ЈИЕ кои ќе пристапат кон размена на автоматизирани податоци

Делегација на Министерството за внатрешни работи (МВР), составена од членови на Кабинетот на заменик-министерот Назим Буши, помошник министерот на Одделот за ЕУ и меѓународна соработка, помошникот министерот за правни работи, судски постапки и управување со човечки ресурси, како и претставници од Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења и од Одделот за информатика и телекомуникации реализираше студиска посета на Министерството за внатрешни работи во Тирана, во организација на Секретаријатот на Конвенцијата за полициска соработка на Југоисточна Европа (КПС ЈИЕ) и Министерството за внатрешни работи на Република Албанија.

Како што денеска соопшти МВР, целта на посетата била размена на искуства околу практичната примена на Договорот за автоматизирана размена на ДНК податоци, отпечатоци од прсти и податоци за регистрација на возила, сложеноста на областите и различните степени на функционалност и поставеност на базите на податоци кои треба да се разменуваат меѓу двете земји.

Во рамки на посетата е одржан и заеднички состанок кој го отвори заменик министерот за внатрешни работи на Албанија, Бесфорт Ламаљари, кој истакна дека од голема важност е двете земји да соработуваат во областа на автоматизираната размена на податоци, со цел зголемување на безбедноста на двете земји и во регионот.

– Раководителот на Секретаријатот на КПС ЈИЕ, Отавио Ботекја истакна дека двете земји се меѓу првите што ја ратификувале Конвенцијата и кои ќе ја стават визијата на Конвенцијата во пракса, односно ќе бидат првите земји во рамки на Конвенцијата кои ќе пристапат кон взаемна размена на автоматизирани податоци, се наведува во соопштението од МВР.

Помошник министерот на Одделот за ЕУ и меѓународна соработка, Муамет Реџепи посочи дека ова претставува одлична можност за размена на идеи и воспоставување исклучителна соработка, која е од интерес на сите во исполнување на поставените цели и резултати, а воедно напомена и дека Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења прерасна во лидер во регионот во областа на форензичната дигитализација.

На состанокот презентации имаа и претставници од Институтот за научна полиција и Директоратот за информатичка технологија на Албанија, при што биле прикажани активностите на двете институции и системите со кои располагаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот