Војници на Црвената армија / Фото: Амбасада на Русија во Македонија / Фејсбук

Руската амбасада организира изложба во Музејот на Град Скопје: „Патот кон големата победа“

По повод 80-годишнината од победата над фашизмот, Амбасадата на Руската федерација во Македониjа вечерва во Музејот на Град Скопје организираше историско-документарна изложба насловена „Патот кон Големата Победа“, на која се претставени историски записи и архивски фотографии, како и мноштво други историски материјали обезбедени во соработка со Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка борба од Прилеп и македонскиот Државен архив, пренесе „Нова Македонија“.

Изложбата, која е составена од повеќе од 130 фотографии, претставува детална визуелна хроника на настаните од Големата Татковинска војна од 1941–1945 година и ќе биде отворена до 13 мај.

На свеченото отворање, за важноста на големата победа над фашизмот и за изложбата, зборуваше рускиот амбасадор во Македонија, Сергеј Баздникин.

– Со оваа изложба ние оддаваме почит и длабоко почитување на беспримерна храброст, самопожртвуваност и духовна сила на советските војници и целиот советски народ, кои не само што ја одбранија својата татковина од фашистичката инвазија, туку дадоа и одлучувачки придонес во ослободувањето на многу европски земји – рече Баздникин.

Рускиот амбасадор посебно се осврна на учеството на македонскиот народ во антифашистичката борба: „Се поклонуваме пред храброста на македонскиот народ, на партизаните – хероите на Народноослободителната борба во Македонија за време на Втората светска војна, кои бестрашно се спротивставиjа на ужасната закана од фашизмот, и затоа се одлучивме да вклучиме фотографии што го илустрираат нивниот борбен пат – рамо до рамо со руските војници“, рече тој.

Денот на победата над фашизмот ќе биде одбележан и на 8 мај, на улицата „9 Мај“ во Скопје во 12 часот, каде ќе биде организирано полагање цвеќе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот