
Русија го блокираше трговскиот сообраќај во Азовското Море
Русија го суспендираше движењето на комерцијалните бродови во Азовското Море до понатамошно известување, објави во четвртокот новинската агенција Интерфакс, повикувајќи се на Руската управа за поморски и речен транспорт.
Препорачано
Комерцијалниот сообраќај во Азовското Море беше прекинат по ескалацијата на конфликтот во Украина, која во средата прогласи вонредна состојба и мобилизација на резервисти по признавањето од страна на Русија на двата одметнати украински региони и најавата на Москва дека ќе испрати војници во областа.
Ноќта од средата кон четвртокот Русија започна „специјална воена операција“ во Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ја одобрил воената акција бидејќи Русија немала друг избор освен да се брани од, како што рече, заканите кои доаѓаат од Украина.
И Русија и Украина имаат пристаништа на Азовското Море, главно со помал капацитет, поради нивната мала длабочина.
Украина има значајно пристаниште Мариупол на Азовското Море.
Русија, пак, ја контролира портата Керч, која ги поврзува Азовското и Црното Море. Таа е најголемиот извозник на пченица во светот, извезувајќи главно од пристаништата на Црното Море, а заедно со Украина држи 29 отсто од светскиот извозен пазар.
Најголеми купувачи на руска пченица се Турција и Египет.
Украина побара од Турција да ги блокира руските бродови да минуваат низ Босфорот и Дарданелите, изјави денеска украинскиот амбасадор во Анкара.
Анкара сè уште не одговорила на барањето, додаде Ројтерс.
По ескалацијата на руско-украинската криза, цените на пченицата утринава се зголемија за 5,6 отсто на трговскиот пазар во Чикаго, на највисоко ниво од средината на 2012 година.