Затвореници депортирани во Ел Салвадор/Фото: EPA-EFE/Presidency of El Salvador / HANDOUT

Рубио се закани на Венецуела со нови санкции доколку не ги прифати своите граѓани депортирани од САД

Американскиот државен секретар Марко Рубио во вторник и се закани на Венецуела со нови „строги санкции“ доколку таа не ги пречека граѓаните на оваа латиноамериканска земја кои се депортирани од американските власти.

„Венецуела има обврска да ги прифати своите граѓани вратени од САД. Ова не е прашање за дискусија или преговори“, рече тој преку Икс.

„Доколку режимот на Мадуро не прифати постојан проток на летови за депортација, без дополнителни изговори или одложувања, САД ќе продолжат со наметнување на нови, остри и ескалирачки санкции“, предупреди тој.

Откако претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата на 20 јануари, стотици венецуелски државјани беа депортирани од Соединетите држави.

Сепак, републиканецот тврди дека владата на Венецуела не го почитувала „договореното брзо темпо“ на репатријации и како одмазда му ја укинала специјалната лиценца на американскиот нафтен гигант Шеврон да работи во оваа латиноамериканска земја, лишувајќи го Каракас од значителни приходи.

Три авиони со повеќе од 200 венецуелски мигранти, кои властите во Вашингтон ги обвинуваат дека се членови на бандата Трен де Арагва, слетаа во понеделникот во Ел Салвадор, каде беа одведени во затвор со максимална безбедност.

Летовите со венецуелски мигранти кои беа депортирани заради нивна репатријација беа одложени двапати минатата недела.

Повеќето државјани на Венецуела имаа корист од специјалниот статус на заштита од депортација (TPS) што им беше доделен од поранешниот претседател Џо Бајден. Но, Трамп го откажа TPS за државјаните на таа земја на 29-ти јануари.

Речиси осум милиони Венецуелци ја напуштија земјата во текот на годините поради длабоката економска и политичка криза од 2014 година. Тие првично побараа засолниште во други земји од Латинска Америка, првенствено Колумбија, Перу и Чиле.

Потоа, тие почнаа да се упатуваат кон Соединетите Американски Држави, честопати пеш поминувајќи ја опасната џунгла Дариен, на границата меѓу Колумбија и Панама.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот