Росица / Фото - Фејсбук
Росица / Фото - Фејсбук

„Росица лично ни ја покажа пораката што му ја испрати на Панче Тошковски“, тврдат нејзини пријатели за „Слободен печат“

Тројца блиски пријатели на Росица која беше брутално убиена од нејзиниот поранешен љубовник Илија Стефановски, за „Слободен печат“ тврдат дека СМС-пораката во која таа очајно бара помош од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски е веродостојна и испратена од нејзиниот број на бројот на министерот. Таа порака според нивните сведоштва, уште постои во мобилниот телефон на Росица кој е задржан во полиција на вештачење и додека била жива, самата им ја покажала. Две пријателки на Росица кои се сестри, тврдат дека лично ја виделе пораката во телефонот на Росица бидејќи таа им ја покажала.

-Кон крајот на мај, по кражбата и вандализмот врз автомобилот на Росица, и покрај тоа што веќе имаше поднесено четири пријави против Илија во тој момент, таа не се чувствуваше безбедно.

Свесна дека нејзините пријави не се сфаќаат сериозно, но и борбена како што секогаш беше, успеа да го пронајде бројот на министерот Панче Тошковски и лично да го извести за својата ситуација. На почетокот на јуни, во разговор меѓу мене, мојата сестра и Росица за ситуацијата, таа ни ја покажа пораката што ја испратила до министерот.

Во пораката, Росица детално ги изрази заканите со кои се соочуваше и ја нагласи итната потреба од институционална интервенција, која за жал никогаш не дојде, изјави за „Слободен печат“ Лорета Слабева, блиска пријателка на сега убиената Росица.

Росица / Фото - Фејсбук
Росица / Фото – Фејсбук

Таа ја опиша Росица како снаодлива и борбена девојка, но и „заробена“ од Илија – ја одделил од блиските, економски ја експлоатирал до степен таа да отвори продавница на интернет и да ја продава својата гардероба за парите да служат за подмирување на сметките додека бизнисите на Илија доживувале крах. Според Слабева, Илија првпат ја затворил Росица во домот во скопската населба Ѓорче Петров кога му кажала дека сака да ја прекинат врската. Освен тоа, влегол во Велес низ прозорец од стан каде Росица била со свој колега од работа, по што го нападнал, но не со тепање – туку палците од прстите ги ставил врз очите на момчето и притискал во внатрешноста на очните капаци со палците навнатре.

-Тогаш ја затвори, ѝ го одзеде телефонот, ја држеше како затвореник. Но во тој момент Росица му беше единствениот извор на приход, па ѝ го остави лаптопот за да работи од него, па таа му пиша на татка си и полубратот да дојдат да ја земат.

Тоа беше првиот случај кој не беше ни пријавен. Ѝ го имаше откинато ноктот целосно, до кожа, па козметичарка од Велес директно на ноктот ѝ лепеше пластичен нокт, за да не се гледа.

-Исто сметам дека јавноста треба да знае дека Росица воопшто го одржуваше контактот со Илија само зашто од првиот ден ѝ се закануваше дека ќе го убие татко ѝ. Татко ѝ не беше случајна жртва – рече Слабева.

Велешката полиција три месеци не знае кој го запалил возилото на Росица и дали има соучесник 

 

Друг пријател на Росица, чиј идентитет ѝ е познат на нашата редакција, но бараше да го заштитиме, ни изјави дека Росица ја познавал повеќе од 15-16 години и имал одлична комуникација со неа. Нему лично, во кафуле му рекла дека стравува за себе до степен што го побарала Панче Тошковски.

-Знаев сè што се случуваше со неа. Ситуацијата беше следната: Едно утро низ Велес се појавија повеќе од 10 графити со навредлива содржина за Росица. Таа го пријави нејзиниот поранешен партнер во полиција за тоа. После една недела од ситуацијата со графитите, автомобилот ѝ беше земен од пред куќа и истиот ѝ беше запален.

Случајот со автомобилот се одолговлекуваше скоро еден месец при што Росица најде телефонски контакт од министерот Панче Тошковски. Седевме на кафе и беше разочарана од ситуацијата колку време се влече целата постапка и ми кажа дека стигнала да го исконтактира министерот. Ја цитирам „Му ѕвонев на министерот, на Панче, оти преку глава ми беше од овие овде, ја влечат целата работа“, изјави тој за „Слободен печат“.

До ден денешен, полицијата во Велес за случајот со запалениот автомобил на Росица нема осомничени.  Обвинителството уште пред три месеци издало наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација како и 4 наредби за обезбедување снимки од видео-надзор од различни локации во градот. МВР три месеци, од 26 јуни 2025 година постапува по овие наредби и кривична пријава не е поднесена за никого.

„Слободен печат“ вчера испрати прашања до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски:

Дали пред смртта на Росица Вие лично сте имале комуникација со неа на мобилен телефон, преку смс-порака и повик во која ви барала помош поради нефункционален систем и наводно вратен пасош на Илија Стефановски за тој да патува во Германија? Дали пораката што се прошири на социјалните мрежи е веродостојна и испратена на вашиот мобилен телефон? Дали вие ја видовте таа порака?

Од МВР добивме одговор:

-Министерот Панче Тошковски категорично ги демантира наводите изнесени во јавноста поврзани со вашето прашање. Воедно тој упатува апел овој трагичен настан да не се злоупотребува за дневнополитички цели – одговорија од МВР за „Слободен печат“.

Систем – трагедија доведе до трагичен крај на Росица

 

Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ минатата недела потврди дека 4 различни девојки го пријавувале Стефановски во полициските станици, а првата пријава била во 2013 година. Сите пријави се заведени како „поплаки“. Стефановски со сите девојки што го пријавувале демонстрирал сличности во однесувањето – проблемите почнувале кога не прифаќал крај на врските, а на жените им се заканувал, ги следел, ги малтретирал, за нив пишувал навредливи омаловажувачки графити на јавни места.

Росица многукратно го пријавувала Илија во полиција – ја вознемирувал додека го шетала кучето, ја нападнал во двор на основно училиште во Велес, во ходник од зграда нападнал велешанец додека бил со Росица. Сите овие малтретирања се случиле за само три месеци и не престанале. Пишувал навредливи графити со нејзиното име и презиме, пишувал пораки за неа и им ги праќал на татко ѝ и на нејзина пријателка, на влезната врата од продажен салон оставил УСБ-стик кој го залепил, а во кој имало фотографии и видеа од нив двајцата, го запалил семејното возило „мицубиши“. Во меѓувреме и тој ја пријавувал во Скопје. Велешкото обвинителство во април поднело обвинителен предлог за Стефановски и го гонело за загрозување на сигурноста на Росица и за повреда што ја нанел на нејзиното момче. Психијатар му направил вештачење и утврдил дека тој нема никаква душевна болест, дури не ни регистрирал патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената.

Убиството се случи на 15 септември попладнето, кога Илија со нож ги избол Росица и нејзиниот татко пред очите на момчето со кое таа била во врска. Според информацијата од полиција, Стефановски прво го убил таткото на Росица, а потоа ја избол Росица, па самиот себе.

„На местото излегоа полициски службеници и констатираа дека станува збор за Р.К. (31) од Велес, која од Итна медицинска помош е пренесена во болницата во Велес, каде што е констатирана смрт. На местото е затекнат Ф.Т. од Велес, сегашен партнер на Р.К., кој изјавил дека заедно отишле во домот на нејзиниот татко, затоа што не се јавувал, а откако Р.К. ја отворила вратата, со остар предмет ја нападнал нејзиниот поранешен партнер И.С.(39) од Скопје, по што ја заклучил вратата. Потоа полициски службеници влегоа во домот и го пронајдоа починат нејзиниот татко К.К.(74), кој исто така имал повреди од остар предмет. Во домот со повреди од остар предмет е пронајден и И.С., за кој според првичните информации, постои сомнение дека откако ги нападнал двајцата, самиот се повредил. Откако е пренесен во болницата во Велес, и кај него е констатирана смрт“, информираше МВР.

Адвокатката Марта Гусар за „Слободен печат“ вели дека блиските роднини на Росица имаат право да ја тужат државата и да добијат отштета.

-Блиските роднини на Росица, како што кажа и професорката Рената Дескоска, може да ја тужат државата. Тоа е така зашто со убиството на Росица и на татко ѝ, случајот не може да се затвори само како таков. Институциите не постапиле да ја заштитат. Најнапред треба да се утврди кој потфрлил при заштитата на Росица на линија МВР, Обвинителство и суд и зошто не се презеле дејствија, а потоа да се бара нематеријална и материјална штета со оглед на тоа што фемицидот се случи и не може да го занемариме тој факт. Една опција е и тужба за прекршување на принципот на должно внимание согласно Законот за заштита од семејно насилство. Имаат право на отштета поради тоа што органите што не презеле заштитни дејствија за да се заштити жртвата, изјави адвокатката Гусар за „Слободен печат“.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот