
Родри му одговори на Роналдо: Го потсети Португалецот како се добива „Златната топка“
Португалецот Кристијано Роналдо две години веќе игра во Саудиска Арабија првенство кое е далеку од елитата каде што продолжи да постигнува голови, но вниманието го привлекува и со изјавите во медиумите.
Препорачано
Минатата недела Роналдо се појави на изборот на „Глоуб Сокер“ во Дубаи каде што беше избран за најдобар фудбалер на Блискиот Исток.
Но, поголемо внимание од наградата која ја освои Роналдо привлекоа неговите изјави дадени во медиумите за Родри и француското првенство. Имено, Роналдо зборуваше дека лигата во Саудиска Арабија е посилна од Лига 1 во Франција, а исто така јавно кажа дека Родри не ја заслужил „Златната топка“.
Набрзо стигна одговорот од спротивната страна во кој Родри го потсети Роналдо дека истите новинари што сега гласале за него во минатото одлучиле тој да ја добие наградата.
„Изјавата што ја даде за мене беше изненадување бидејќи подобро од кого било знае како функционира оваа награда и како се избира победникот. Оваа година новинарите одлучиле јас да победам и веројатно во еден момент истите гласале и за негова победа. Претпоставувам дека тогаш ја прифатил одлуката“, изјави Родри.
Во кариерата Кристијано Роналдо освои пет „Златни топки“, а рекордер во оваа категорија е Лионел Меси со осум вакви награди.