
Ревизорите со бројни забелешки: Склучени договори за јавно приватно партнерство на 96 години, а законскиот рок е до 35
Единствен понудувач на тендер или отсуство на конкуренција, склучување договор на 96 години иако законскиот лимит е најмногу 35 години, се дел од забелешките на Ревизорите, кои извршија увид на договорите за јавно приватно партнерство.
Препорачано
Ревизијата, спроведена за периодот од 2017 до 2024 година, покажа дека слабостите во законската рамка, институционалниот капацитет, постапките за доделување и надзорот над договорите за јавно приватно партнерство го оневозможуваат нивното ефективно функционирање, односно преземените мерки и активности за воспоставување и реализација на договори за јавно приватно партнерство не обезбедуваат ефикасни јавни услуги и подобрени инфраструктурни објекти.
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на успешност на тема „Подобрување и унапредување на јавните услуги и инфраструктурните објекти со јавно приватно партнерство“, со цел да се оцени дали преземените мерки и активности за воспоставување и реализација на договори за јавно приватно партнерство (ЈПП) обезбедуваат ефикасни јавни услуги и подобрени инфраструктурни објекти.
Кај 80% од спроведените постапки за воспоставување на договори за ЈПП, кои биле предмет на ревизија, не се изготвени Извештаи за претходна анализа каде треба да се наведат основните елементи за проектот.
„Анализата покажува дека приближно 80% од договорите, се склучени со единствениот најповолен понудувач што упатува на отсуство на конкуренција. Во текот на ревизијата се утврдени слабости во содржината на склучените договори за ЈПП, што претставува можност од неисполнување на обврските на приватниот партнер, несоодветна правна заштита која не создава услови за наплата на казнени пенали во случај на неквалитетно извршување/не извршување на договорите.
Констатирано е и состојба на склучен договор за ЈПП со времетраење од 96 години, што е спротивно на законскиот лимит од најмногу 35 години. Во тек се судски постапки во кои јавен партнер се јавува како тужена страна за долг од приближно 3,9 милиони евра. Со извршената ревизија во одделни постапки ревизорите утврдија слабости во начинот на воспоставување и реализација на договорите за ЈПП“ се дел од забелешките на ревозрите.
Во декември 2019 година, како што се наведува, склучен е договор за ЈПП меѓу Владата преку Министерство за здравство како јавен партнер и група на економски оператори како приватен партнер, за период од 15 години, со кој приватниот партнер се обврзал да реновира и адаптира четири објекти во Центри за стерилизација, во рок од две години, односно до декември 2021 година. Поради нецелосно исполнети услови од
страна на јавниот партнер, рокот за реализација повеќепати е пролонгиран на неопределено време.
„Комисијата за следење на реализацијата на договорот за ЈПП, констатирала дека приватниот партнер во целост извршил реновирање, адаптирање и опремување само на Центар за стерилизација на хируршка опрема на објектот кој се наоѓа во ЈЗУ УК ТОАРИЛУЦ1 – Клиника за ортопедија „Мајчин дом“ – Скопје, додека кај другите три објекти не се отпочнати активности бидејќи истите не им биле предадени во владение на
приватниот партнер.Во мај 2024 година, Комисијата повторно извршила обиколка во просториите на ЈЗУ УК за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ Скопје и констатирала дека се запазени протоколите и стандардите за отпочнување со работа, но до завршување на ревизијата соработката по основ на ЈПП сè уште не е воспоставена“ забележуваат ревизорите во извештајот.
Ревизорите истакнуваат дека доколку не се изнајде заедничко решение постои ризик од потенцијални штети за двете страни. Овие штети не се ограничени само на економски аспекти, туку може да имаат и негативно влијание врз јавната перцепција за институциите и квалитетот на здравствените услуги кои им се обезбедуваат на граѓаните.
Во ноември 2021 година, склучен е договор за доделување на ЈПП за управување со паметни туристички инфо и промо центри во Полошкиот регион. Предмет на договорот е обезбедување услуги за функционирање на вакви центри на две локации — во Тетово и Попова Шапка. Од страна на јавниот партнер обезбедени се монтажни објекти од привремен карактер, додека во договорот не се прецизирани конкретно обврски на приватниот партнер. Договорот е склучен со вкупна вредност од 60.000 илјади денари, со цел да се обезбедат навремени и квалитетни
информации за туристите поврзани со сместување, угостителство, настани и други релевантни содржини, како и да се поддржат маркетинг иницијативи, промоција на локални производи и креирање атрактивни туристички понуди кои ќе го поттикнат развојот на туризмот во регионот.
„Со ревизијата е утврдено дека приватниот партнер, паметниот и информативен промотивен Центар не го користел наменски за промоција на туризмот, туку за вршење комерцијална дејност. Комисија за имплементација и надзор на договорот за ЈПП, дала предлог до директорот на Центарот за развој на Полошки плански регион за раскинување на договорот. За да го избегне тоа и да ја продолжи соработката, приватниот партнер, преку договор за „сингуларна сукцесија2“, ги пренел своите права и обврски на друго правно лице. Притоа, не биле обезбедени соодветни докази за личната и економско-финансиската способност на новиот приватен партнер, што е спротивно на начелата за еднаков третман, транспарентност и недискриминација при избор и работа со приватни партнери“ се вели во извештајот.
Во 2012 година АД Водостопанство – подружница „Тиквеш“ Кавадарци врз основа на пре – физибилити студија за реконструкција на
постоечки објекти и имплементација на 4 нови МХЦ на река Бошава спровела постапка за воспоставување на договор за ЈПП. Во 2012 година подружница „Тиквеш“ Кавадарци склучува договор за ЈПП за реализација на проектот Бошава за повеќенаменско искористување на водите, со кој е уредено приватниот партнер да изгради 5 МХЦ. Бројот на МХЦ не е согласно физибилити студијата, јавниот повик и тендерската документација за воспоставување ЈПП. Наведената состојба покажува дека склучениот договор за ЈПП не е усогласен со подготвителните активности и спроведената постапка за доделување на договор, што може да влијае на оправданоста и квалитетот на вршењето на дејноста на јавниот партнер.
Дополнително, ревизорите укажуваат на отсуство на национални политики и сеопфатна стратегија за развој на ЈПП, што негативно се одразува врз планирањето на проектите, распределбата на ресурсите и дефинирањето приоритети. Ова, пак, го отежнува привлекувањето на економски оператори и го забавува развојот на квалитетни јавни услуги и инфраструктура.