
Решен е проблемот со картичките за тахографите – македонските возачи може да здивнат
Без тахо-картички е невозможно да се транзитира каде било и возилата беа практично заробени на плацевите, вели Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам Транс“. Дигитален тахограф е уред во патниот сообраќај за бележење на брзината и поминатиот пат, како и за времето на работа и одмор каде што податоците се запишуваат во работната меморија и во мемориската картичка, а овозможува чување на податоците за период од 365 дена
Македонските транспортери може да здивнат, бидејќи по речиси половина година е надминат проблемот со издавањето на мемориските картички за дигиталните тахографи. Од Асоцијацијата „Макам Транс“ за „Слободен печат“, велат дека во Службен весник бр.179 од 26 август е објавена новата компанија која ќе ги издава овие картички Смарт ИД Солушн Дооел Скопје, а од 9 септември се примаат и барањата и уплатите од компаниите кои вршат превоз. Картичките се обновуваат на 5 години, а во изминатиот период дел од возачите не можеа да возат бидејќи им беа истечени, објаснува Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам Транс“.
Препорачано
– Повеќе од 1.000 возачи во Македонија имаа проблем со обезбедувањето на тахографски картички. Во изминатите неколку месеци постојано добивавме поплаки од нашите членки, бидејќи беа опасност да ја загубат работата. Без тахо картички е невозможно да се транзитира било каде и возилата беа практично заробени на плацевите. Националниот издавач на секоја поединечна земја членка на ЕУ издава вкупно четири типа тахографски картички: возачка картичка, службена картичка, карта за работилница и контролна картичка.
Дигитален тахограф е уред во патниот сообраќај за бележење на брзината и поминатиот пат, како и за времето на работа и одмор каде што податоците се запишуваат во работната меморија и во мемориската картичка, а овозможува чување на податоците за период од 365 дена.
-Ова е практично „црната кутија“ на камионите. Слично како црните кутии во авионите што ги евидентираат податоците за летот, камионите се опремени со компјутери кои снимаат витални оперативни информации. Според Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај, возилата кои првпат ќе се регистрираат во Република Македонија (без оглед на тоа дали станува збор за новоувезено или половно возило) од 16 јуни 2010 година чија максимална маса со приклучното возило надминува повеќе од 3,5 тони и автобусите конструирани или трајно приспособени за превоз на повеќе од девет патници вклучувајќи го и возачот мора да имаат вграден дигитален тахограф – додава Муратовска.