
Рекорден пораст на цената на здравственото осигурување во САД, трошоците растат поради царините
Американските здравствени осигурители најавуваат значително зголемување на премиите за осигурување, најголемо во последните 15 години, со што се зголемува финансискиот товар врз потрошувачите. Една од водечките компании, „ЈунајтедХелт“, го посочува растот на трошоците поврзани со царините од трговските војни како една од причините за поскапувањето.
Препорачано
Според извештајот на „Фајненшл тајмс“, цените на плановите за здравствено осигурување за вработените ќе се зголемат во просек за 6,5 проценти во 2026 година, додека за осигурениците преку владини програми, зголемувањето ќе изнесува 18 проценти. За споредба, минатата година зголемувањето било 7 проценти.
Една третина од сите осигурителни компании планираат да ги зголемат премиите, што е највисоко ниво од март минатата година, со вкупни дополнителни трошоци за потрошувачите од околу 29 милијарди долари. Зголемувањето доаѓа во време кога американските домаќинства веќе се соочуваат со растечки трошоци за живот.
Во соопштението на „ЈунајтедХелт“ за Мериленд и Орегон се наведува дека цените се покачуваат за 2,4 и 2,7 проценти поради царинските ризици и трошоците за враќање на производството на фармацевтски производи во САД. Во Охајо, маржата за осигурителен ризик е зголемена за 0,5 проценти.
Аналитичарите предупредуваат дека граѓаните ги сносат последиците од економската неизвесност, вклучително и од царините, што ги притиска трошоците за здравствено осигурување. Акциите на „ЈунајтедХелт“ паднаа за 38 проценти оваа година, што ја прави една од најлошо котираните компании на S&P 500.
Зголемувањето на премиите се однесува и на осигурувањето според Законот за прифатлива здравствена заштита („Обамакер“), кој оваа година опфаќа околу 24 милиони Американци. Со истекување на даночните олеснувања до крајот на годината, осигурителните компании се загрижени дека ќе изгубат профитабилни клиенти и ќе останат одговорни за трошоците на послабите осигуреници со потреба од скапа здравствена заштита.