
Реформа во најнереформираната институција – Уставниот суд предолго време е инертен
Уставниот суд требало одамна да се реформира, вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Таа во својот воведен говор на денешната Тркалезна маса за потребата од Закон за Уставниот суд, истакна дека е добро што дебатата се случува токму во најнереформираната институција.
Препорачано
„Ако ме прашувате, јас сум за поширока надлежност на Уставниот суд. Поширока надлежност не може да се регулира со носење закон. Прво да се прошири листата на заштита на слободи и правата. Понатаму, да прецизираме дека од потпишувањето на меѓународните договори до стапување во сила, Уставниот суд да има право на интервенција“, рече Сиљановска Давкова.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски порача дека на Уставниот суд му е потребен закон за доуредување и дека статус кво состојбата нема да донесе никому ништо добро.
Според Костадиновски, со право се критиките и Уставниот суд предолго време бил инертен и самиот суд треба да ги иницира реформите, затоа што, како што вели, ние „најдобро знаеме со што се соочуваме во нашата работа“.
„Ние имаме потреба од закон за доуредување. 34 години е предолг период, таков каков што бил овој суд, со право не само претседателката на државата, секој граѓанин може да праша која е улогата на Уставниот суд изминатите 34 години, како е можно денеска да имаме историска најголема недоверба во комплетниот апарат. Значи, ништо не направил и треба да бидеме самокритични. Затоа ова за мене е многу важна тема и еден од приоритетите како претседател на Судот, изјави Костадиновски и додаде дека целта на денешната тркалезна маса е да се отвори повторно јавна дебата за неопходноста од реформа на најнереформираната институција во нашата држава.
Тој смета дека статус кво состојбата нема да донесе никому ништо добро.
„Треба да бидеме свесни во каква реалност живееме денеска и дали оваа статус кво состојба на Уставниот суд во поглед на нејзината нормативна рамка и надлежности ни донесе нешто добро“ нагласи Костадиновски.
Нагласи дека начинот на избор на судиите е скромно транспарентен и дека граѓаните не знаат кои се кандидатите, кои се избрани, па дури и како работат.
Тој посочи дека начинот на избор на уставните судии треба да биде како со ДКСК – со претставување пред пратениците.
Евроамбасадорот Рокас нагласи дека реформата на уставното судство е најважна, бидејќи, како што рече игра многу важна улога не само за обезбедување на владеењето на правото туку и за заштита на европските вредности.
„Зајакнувањето на Уставот не е само формално барање за членство во ЕУ, тоа е стратешка инвестиција во фер пристапот, во владеењето на правото, нешто што им е потребно на граѓаните. Тоа е реформа во која Уставниот суд исто така треба да одигра многу важна улога. Од тие причини ЕУ го поддржува судот во неговата работа и ги зајакнува неговите капацитети. Ја поддржуваме Северна Македонија да изгради силни, независни и кредибилни институции“, рече Рокас.
Тој нагласи дека авторитетот, непристрасноста и отпорноста на Уставниот суд се исклучително важни за владеењето на правото во земјата и многу важен чекор за патот на државата кон членство во ЕУ. Од друга страна пак, рече дека не е на ЕУ да препорача дали треба или не треба да се носи закон за Уставниот суд, бидејќи ЕУ го поддржува процесот кој е транспарентен, инклузивен и кој се потпира на дијалог, а кој на крај ќе ја зајакне довербата во Уставниот суд, неговата независност и кој ќе рабвоти во согласност со европските стандарди.
Според американската амбасадорка Агелер, ова е клучен момент не само за Уставниот суд туку и за вработените во судството, и најважно, за граѓаните на оваа држава.
„Ве молам, искористете го овој момент, запамете за кого работите и зошто сте поставени тука. Законите во оваа држава колку и да се комплицирани мора и може да работат во полза на граѓаните. Како партнери и пријатели САД ја поддржуваат работата на судството со цел да се обезбеди правдата да остане пристапна, непристрасна и вкоренета во уставните вредности“ рече Агелер.