
Речиси една третина од корисниците на интернет имаат е-банкарство
Иако бројките и податоците покажуваат раст на е-трговијата во Македонија, сепак сè уште нашата земја е рангирана на дното споредено со европските земји, а и зад дел од земјите од регионот кај повеќето индикатори, беше заклучокот на конференцијата што ја одржа Асоцијацијата за е-трговија.
Препорачано
– Податоците покажуваат раст на речиси сите индикатори, така, на пример, 46 проценти од интернет-корисниците купуваат онлајн, има значителен пораст во користењето на интернет-банкарство и понатамошен раст на онлајн трансакциите, меѓутоа сепак тоа е мал раст споредбено со земјите од Европска Унија. Затоа мораме да го забрзаме развојот на е-трговијата за да отскокнеме од дното неколку места напред – изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска.
Во однос на навиките за користење на услугите од електронското банкарство, податоците покажуваат дека 31 процент од населението што користи интернет има е-банкарство, но тоа не е доволно – нашата земја е подобра само од соседните земји, додека 66 проценти од Европејците го користат интернетот за е-банкарство.
Ангеловска ги презентираше клучните сознанија од извештајот со наслов „Преглед на анализата на е-трговија (2022) во РС Македонија и споредба со регионот и европските земји”, според кој Македонецот купува онлајн еднаш до двапати во 3 месеци, прави нарачки најчесто до 50 евра, а најмногу нарачува од домашни е-трговци. Најмногу купува облека онлајн, а најмалку мебел и храна (испораки од ресторани).