Фото: izanAlmansa/x

Реал Мадрид го донесе „дијамантот“ на шпанската кошарка – Изан Алманса!

Реал Мадрид официјално потпиша четиригодишен договор со 20-годишниот Изан Алманса (2,08 м), еден од најголемите таленти на шпанската кошарка, со што клубот направи инвестиција со огромен потенцијал за иднината.

Планот на „кралскиот клуб“ е Алманса да ја започне сезоната со првиот тим, иако не се исклучува можноста за позајмица во друг клуб. Веќе неколку екипи од шпанската Лига Ендеса изразиле интерес да го доведат младиот центар.

Алманса е петтото засилување на Реал Мадрид за новата сезона, по Тео Маледон, Давид Крамер, Габриеле Прочида и Чуме Океке, а на клупата Серџо Скариоло го замени Чус Матео.

Роден во Мурсија, Алманса ја започна кариерата во младинските категории на локалниот клуб, а од 2019 до 2021 година настапуваше за младинските селекции на Реал Мадрид, играјќи и три натпревари во шпанската лига.

Во 2021 година замина во САД, станувајќи првиот Шпанец кој се приклучил на „Overtime Elite“ академијата во Атланта – иновативен програм што им овозможува на младите играчи плата уште пред да заиграат на универзитетско ниво, а притоа да го продолжат образованието и професионалниот развој.

Во 2023 година потпиша за G League Ignite со цел да стигне до НБА, но на крајот не се пријави за драфтот, избирајќи да заигра во австралиската лига за Perth Wildcats. Таму забележа просек од 6,9 поени и 3,9 скокови на 33 натпревари, но неговиот престој беше нарушен од едномесечна суспензија поради позитивен тест на канабис.

По настапите во НБА Летната лига ова лето за Philadelphia 76ers, каде не успеа да обезбеди место во првиот тим, му беше понудено место во нивниот G League тим, Delaware Blue Coats. Сепак, со потписот за Реал Мадрид, Алманса барем привремено го остава на страна својот сон за НБА и ќе се обиде да се избори за место во ротацијата на Серџо Скариоло.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот