
Различни фактури за иста адреса, продолжува хаосот со комуналните сметки во Тетово
И по два месеци откако словенечката компанија Саубермахер која започна да го менаџира сметот во Тетово, но и да ги фактурира сите комунални сметки, поплаките на граѓаните не стивнуваат.
Препорачано
Започнаа да се фактурираа сметки за починати лица, гаражи и подруми, но деновиве тетовци се жалат дека им доаѓаат сметки за иста катастарска парцела односно стан или куќа, но со различен сериски број на фактура, па дури и како што велат, сумата за плаќање не е иста.
– Јас имам два стана на мое име, во едниот живее мојот син, нему му стига фактура редовно си ја плаќа, но кај мене дома ми стига фактура и за тој стан каде што живее синот. Проблемот е што се работи за ист стан, а стига различен сериски број на фактура и ти велат треба и двете да ги платиш – вели еден тетовеец.
– Ова е хаос што се случува со комуналните сметки. Претходно ми стигаа сметки за гаражи и подруми, беше и екстремно висока сумата, сега има друг проблем, за ист стан две фактури – додава друг жител на Тетово.
Проблемите со комуналните сметки неколку пати лично ги слушнал градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, кој во неколку наврати има остварено средба на тетовци токму на оваа тема.
Најави дека истите етапно ќе се решаваат.
– Ова ќе биде една од низата средби со граѓаните во делот на решавање на проблемите, ние воспоставивме нов систем во делот на комуналите услуги. Ние ја сменивме методологијата по метар квадратен, но тоа не сме го измислиле ние, туку таква пракса е и во други градови. Ние сме на пат за решавање на проблемите со комуналните сметки, во контакт сме со словенечката коммпанија. Од понеделник во Општина Тетово ќе има шалтер каде граѓаните ќе можат да се обратат. Додека не се инсталираат сите водомери, граѓаните ќе плаќаат минимум сметка за вода, за селата ќе се плаќа исто минимум фиксна фактура за смет од 340 денари, а за вода не треба да плаќаат. Затоа секоја недела ќе се слушаат поплаките на граѓаните. Но треба да се плаќаат фактурите, оти исто така денеска бевме сведоци кога вработени на ЈКП Тетово беа кај нас да ги споделат и своите маки, а тоа е дека им доцнат платите, а тоа е така оти не се плаќаат редовно комуналиите – рече неодамна градоначалникот Касами.
За в петок од Општина Тетово најавија дека Касами исто така ќе одржи средба со граѓаните поврзана со проблемот со комуналните сметки.
Откако словенечката компанија го презеде менаџирањето со сметот во Тетово, а општината одлучи сметките за вода, ѓубрарина и подигање и транспортирање на отпадот да го наплатуваат странците, пред ЈКП Тетово речиси секој ден има револтирани граѓани.
Пред околу два месеци со презентација на камиони за собирање на отпад и нови контејнери на градскиот плоштад во Тетово, Општината го промовираше почетокот на јавното-приватно партнерство со словенечката компанија Саубермахер, со која пред неколку месеци потпиша договор за собирање и транспортирање на комуналниот смет во Тетово.
Градоначалникот на Тетово, Касами тогаш рече дека сите вработени во ЈКП Тетово кои биле ангажирани во Секторот „Комунална хигиена“ ќе ги презеде словенечката компанија, а сметот ќе се собира во сите села и населени места во рамките на Општина Тетово.
Но состојбата е сосема друга. Тетовските комуналци се уште не земаат редовно плата, згора на се, се појавија нови проблеми, како повисоки комунални сметки кои пристигаат за штали, подруми и гаражи.