Силвија Митевска

Разговор за машката ранливост

Сред летната жега во Скопје, еден неврзан разговор со блиски луѓе ме наврати на тема за која и претходно сум пишувала — машката ранливост. Тоа не е лесна тема, но токму спонтаноста на секојдневните разговори често отвора прашања што остануваат длабоко во нас.

Кај дел од мажите што ги познаваме, било да се тоа нашите сопствени партнери, мажите на блиските или на пријателите околу нас, се забележува сличен образец на однесување. Воздржаност од емоционална интимност и страв од ранливост. Тој страв од ранливост не секогаш се изговара со зборови, но се препознава во тишината и во избегнувањето на подлабоки разговори.

„Зошто?“ – го прашувам мојот пријател. „Ранливоста е природна состојба, никој не е натчовек“.
„Затоа што ранливоста значи слабост“, ми одговара. „А јас сакам да бидам сè посилен и појак“.

Ова е став што често ќе го слушнете од мажи, и не случајно. Машката култура во Македонија, но и пошироко на Балканот, се гради врз длабоко вкоренети општествени очекувања. Од најрана возраст на мажите им се кажува да бидат силни, независни и храбри. Да не плачат, да не покажуваат емоции, за да не изгледаат „слаби“. Во училиштата, во семејствата, на улиците се повторува истата мантра: „Биди маж“.

Овој вид воспитување создава генерации мажи кои ја идентификуваат ранливоста со пораз и покажувањето на емоции со слабост. Така се гради идентитет на „силниот балкански маж“: храбар, непоколеблив, доминантен. Но парадоксот е очигледен. Тој може да изгледа бестрашен пред светот, но истовремено живее во постојан страв од сопствените чувства. Страв од себе.

Оваа култура на потиснување не е личен, туку општествен проблем. Наместо да се соочуваат со сопствените чувства, мажите развиваат механизми за нивно игнорирање или минимизирање. Истражувањата покажуваат дека неспособноста да се изрази емоционалноста има последици како нарушени партнерски односи, потешкотии во градење доверба и постојано чувство на изолација. Ова не е само индивидуален проблем, туку резултат на културни и општествени модели кои ја стигматизираат машката ранливост.

Но токму и тука се открива парадоксот: храброста не е отсуство на страв, туку способност да се погледне стравот в очи. И ранливоста не е слабост, туку висок облик на човечка храброст. Да признаеш дека чувствуваш, дека те боли, дека нешто ти значи е чин на зрелост, не на немоќ. Всушност, ранливоста е најмажественото нешто што мажот може да ѝ го подари на жената.

Сакам да верувам дека примитивната култура во која растат нашите мажи ќе се менува. А првиот чекор кон таа промена е новата дефиниција на „силен маж“- од оној што молчи, во оној што се осмелува да зборува.

(Авторката е експертка по спортска дипломатија)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!