
Работна група во Владата ќе го разгледува бугарскиот предлог за железничкиот тунел на Деве Баир
Владата на денешната седница констатирала дека го примила предлог-текстот на Договорот за подготовка, градење и експлоатација на прекуграничниот тунел од железничката траса на Коридорот 8, кој го подготви и испрати Бугарија до македонските власти.
Препорачано
Како што соопштија попладнево од „Илинденска“ број 2, на седницата, исто така, била донесена одлука да се формира работна група која во наредниот период ќе работи на разгледување на предлогот.
Работната група ќе ја сочинуваат вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски; министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски; министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска и директорот на Јавното претпријатие „Железници на Република Северна Македонија – Инфраструктура“, Синиша Ивановски.
Од Владата потенцираат дека се силно посветени на изградба и модернизација на европските транспортни коридори, меѓу кои и Коридорот 8, кој, како што велат оттаму, е стратегиски проект на кој се посветува огромно внимание и како приоритет се преземаат активности за негова доизградба.
„Би сакале да повториме дека целта на Владата преку Министерството за транспорт е да се продолжи изградбата на источниот дел на железничкиот Коридор 8 и тој да се поврзе со Република Бугарија“, се вели во соопштението.
Но, како што се додава, од Владата повторно ги потенцираат нејзините ставови, дека за пругата да биде функционална, а Коридорот 8 да има смисла и да ги исполни потребите за што е наменет, мора да има заеднички проект за тунелот со Бугарија и изградбата да се одвива заеднички во континуитет на целото тунелско решение.
„Исто така, потребно е од бугарска страна да се доизгради пругата што недостасува до граничната точка, како и да се модернизира пругата од Ѓуешево до Софија. Македонија од својата страна ќе изврши ревидирање на цената на чинење. Подобрувањето на поврзаноста во рамките на Западен Балкан и земјите од Европската Унија е клучен фактор за понатамошна интеграција која ќе донесе придобивки за економиите и граѓаните на регионот“, се вели во владиното соопштение.
Дека Владата на Бугарија ѝ испратила на Република Северна Македонија нацрт-договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел што ги поврзува двете земји, бугарското Министерство за транспорт и врски (МТС) соопшти на 15 јануари.
Предлогот на бугарската држава, како што беше соопштено тогаш, е двете влади да преземат конкретни и јасни обврски за реализација на граничниот железнички тунел, кој е клучен дел на изградбата на европскиот транспортен Коридор 8, кој го поврзува Црното Море со Јадранското Море и поминува низ териториите на Бугарија, Северна Македонија и Албанија.
Со потпишувањето на договорот, како соопштија од бугарското МТС, ќе се договорат техничките, финансиските, правните и организациските прашања поврзани со изградбата на тунелот, а кои мора да бидат во согласност со европското и националните законодавства на Бугарија и Северна Македонија.
Според предлогот, двете држави ќе се договорат која ќе одговара за изградба на прекуграничниот објект, за јавните набавки и за надзор на изградбата.
Договорот што го предлага Бугарија, доколку биде прифатен и потпишан, предвидува во рок од три месеци од неговото стапување во сила, Бугарија и Северна Македонија задолжително да подготват и да испратат до Европската комисија (ЕК) и до финансиските институции генерален распоред за реализација на изградбата.