
Прво што ќе распише Ѓорѓиевски ако стане градоначалник е тендер за булеварот под „Лимак“
Актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, вечерва во емисијата „Клик плус“ на телевизијата „21“ зборуваше за булеварот кој треба да поминува под комплексот „Лимак“ во центарот на градот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ѓорѓиевски дури рече дека тоа ќе му биде првото нешто со што ќе се зафати доколку биде избран на функцијата.
„Првата јавна набавка која што ќе биде распишана, а поврзана со големи проекти е „Лимак“, има неколку фази, два кружни текови имаме кон Кисела Вода и еден е елипсоиден кружен тек од страната кај „Нова Македонија“, ќе бидат веднаш штом ќе влезам во Град Скопје отпочнати процеси за распишување на тендерска постапка за реализација на Лимак“, вели Ѓорѓиевски.
Тој откри дека бил во посета на подземниот булевар и оти тоа што е направено под „Лимак“ е „навистина за секоја чест“.
„Тоа е нешто несвојствено за државата, затоа ми е сериозен предизвик. Јас ќе бидам првиот кој ќе ја изгради првата подземна сообраќајница во Градот Скопје и таму тоа што е изградено од сопствениците на „Лимак“ е пресериозна работа, дури и несвојствено за Скопје, останато е да се доасфалтира. Има осум ленти, по три од страните има за двосмерен сообраќај на автомобилите, и две има за автобуси, и тротоари дополнително“, порача Ѓорѓиевски.