Премин „Влајко“/Фото: „Слободен печат“ - Методи Здравев

Првичните наоди од испитувањето на „Влајко“ не покажаа сериозни проблеми и оштетувања

Дали во наредниот период ќе следи некаква санација на преминот ќе зависи од деталниот извештај кој фирмата што ги вршеше испитувањата треба во наредниот период да го достави до Општината, заедно со препораки што би требало да се преземе за заштита и одржување на конструкцијата.

Завршија инженерските испитувања на преминот „Влајко“, при кои се испитуваше статиката на пешачкиот мост стар две децении. Испитувањата и анализите ги вршеше фирмата ТСГ Индустри Сервис ДОО – Скопје, избрана пред неколку месеци на тендерот што го објави Општина Карпош, која во наредниот период ќе изготви детален извештај со препораки и предлози за идни активности што би требало да се преземат за заштита и одржување на конструкцијата.

Првичните наоди не покажале дека на преминот има некакви сериозни проблеми и оштетувања.

Од Општината објаснуваат дека досега немало никакви проблеми со статиката на мостот, но дека испитувањето било стандардна процедура, неопходна да се направи со оглед на фактот дека преминот е изграден пред две децении.

Ова е прво испитување од страна на Општина Карпош. Станува збор за стандардна процедура која е потребна да се изврши согласно староста на објектот кој е изграден во 2005 година – велат од Карпош

Испитувања на „Влајко“/Фото: Општина Карпош

Инженерските анализи, со кои беа опфатени статистички пресметки и симулација на напрегања, визуелна, мерна и недеструктивна метода на испитување, утврдување на модел на напрегања и деформации, ја чинат Општината 400.000 денари со ДДВ.

Дали по испитувањето ќе следува некаква санација ќе зависи од резултатите од испитувањето. Доколку при анализата бидат утврдени недостатоци, фирмата е обврзана да изработи план за евентуална санација на челичниот мост, согласно дадените карактеристики од техничката спецификација. За евентуалната санација ќе биде објавен дополнителен јавен повик на кој ќе се избира фирма која ќе ја врши евентуалната санација – објаснуваат од Општината.

Преминот „Влајко“ лоциран пред семафорите во Влае е еден од најоспоруваните проекти од граѓаните, кои сметаат дека објектот е грд, нефункционален, валкан и дека не е постојано достапен за преминување на граѓаните преку булеварот Партизански одреди, затоа што преку ноќ и преку викенд е затворен.

Објектот е изграден во 2005 година со цел преку него безбедно да поминуваат, пред сѐ, ученици од основното училиште „Димо Хаџи Димов“, а на самиот премин се сместени и канцеларии на повеќе институции како што се Црвен крст, на Министерството за земјоделие, невладина организација, има и канцеларија која Општината му ја отстапила на Собранието за средби на граѓаните со пратеници. Покрај нив, дел од канцелариите користат и вработени во локалната самоуправа додека не се преселат во новата зграда.

Во врска со тоа кој го чисти „Влајко“ затоа што граѓаните тврдат дека е запуштен и нечист, од Карпош одговараат досега не добиле поплаки од карпошани за хигиената на надвозникот, која редовно ја одржуваат општинските комуналци, пред сѐ поради тоа што преку надвозникот минуваат деца, а се користат и канцеларии.

 

Фото: „Слободен печат“ – Методи Здравев

Но, оттаму потврдуваат дека преминот е достапен само во работен ден и дека секоја вечер се заклучува.

Надвозникот е отворен секој работен ден од понеделник до петок од 6.45 часот до 21 часот, а најголем бенефит имаат децата кои имаат потреба да го преминат булеварот Партизански одреди за да одат на училиште. Навечер и за викенд, како што веќе спомнавме надвозникот е затворен, бидејќи децата не одат во градинка и на училиште, а со тоа се заштитуваме од вандализирања и оштетувања кои се многу чести во вечерните часови – велат од Карпош.

Но, од она што на терен може да се забележи, состојбата на „Влајко“ не е многу поразлична од што ја опишуваат граѓаните. Речиси целата надворешна обвивка на мостот е вандализирана и исчкртана со графити, цртежи и текстови со недолична содржина, а не функциионира ниту техниката на мостот. Двата лифта, кои се поставени во 2010 година и се донација од УСАИД, се затворени со метална ограда и катанец, а не работат ниту двата ескалатори.

Вандализираниот и запуштен „Влајко“ можеби повторно ќе се обновува

Четиригодишната изградба на преминот „Влајко“, кого граѓаните го нарекуваат непотребна грдосија, „ја олесни“ општинската каса за 900 илјади евра.

Минатата недела се испитуваше статиката, а во иднина граѓаните очекуваат Општината да се погрижи да ги обнови деловите од преминот којшто се сега запуштени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот