
Протест во Хаг за поддршка на притворените поранешни лидери на ОВК
Во Хаг илјадници Албанци од дијаспората, како и од Косово, протестираа барајќи правда за поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Препорачано
Протестот на 14 септември беше организиран од албанската дијаспора, со поддршка на Организацијата на воени ветерани на ОВК, пренесува РСЕ.
Поранешниот холандски амбасадор во Косово, Роберт Бош, кој беше на функцијата во времето кога беше формиран Специјалниот суд, рече дека добил инструкции од неговата влада во тоа време да инсистира на формирање на судот.
Бош им рече на толпата дека не му се допаѓа идејата „бидејќи му се чинело апсурдно што Србите нема да бидат судени пред тој суд, но тој си ја завршил работата“.
„Се сеќавам кога го запознав Хашим Тачи, тој беше загрижен. Му реков дека нема причина да се грижи бидејќи судењето ќе биде фер и дека ќе биде ослободен поради недостаток на докази“, рече Бош.
Тој рече дека ОВК е „чизма на НАТО на терен“ и го критикуваше обвинението на Специјалното обвинителство кое ги етикетира поранешните водачи на ОВК како дел од „заеднички злосторнички потфат“.
„Нарекувањето на ОВК криминална организација е голема навреда за НАТО, бидејќи НАТО не соработува со криминални организации“, рече тој.
Протестот во холандската престолнина се одржа во парк во близина на седиштето на Специјализираните комори.
Поранешниот член на ОВК и еден од организаторите на протестот, Фатмир Кочи, рече дека ОВК не била ниту агресор ниту окупатор, туку дека денес поранешните водачи на ОВК се судат „врз основа на неосновани обвинувања“.
„Никогаш нема да ја прифатиме оваа неправда против нив“, рече тој.
Кочи рече дека српската држава извршила „страшни злосторства за време на војната и не одговарала за нив“. Тој ја критикуваше косовската влада, тврдејќи дека „молчи“ и „не успеала да ги заштити“ своите граѓани.
Специјалниот суд моментално го води главниот судски процес против поранешните лидери на ОВК, поранешниот претседател Хашим Тачи, поранешните претседатели на Собранието Кадри Весели и Јакуп Красниќи и поранешниот пратеник на Косово Реџеп Селими. Сите четворица се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото, што тие ги негираат.
Протестот во Хаг се одржа еден ден пред одбраната на поранешните лидери на ОВК да започне со презентирање на своите докази и сведоштва.
Рама даде поддршка за протестот преку социјалните мрежи
Албанскиот премиер Еди Рама со порака на социјалните мрежи даде поддршка за како што ги нарекува, ослободителите.
„Албанците од Косово и од дијаспората, протестираат барајќи правда за поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово. Протестот е свикан од албанската дијаспора и поддржан од Организацијата на воени ветерани на ОВК за она што организаторите го нарекуваат неправди што се прават во судењето на поранешните водачи на ОВК“, објавија албанските медиуми.