
Пропалестински демонстранти прекинаа велосипедска трка во Мадрид
Последната етапа од велосипедската трка Вуелта а Еспања е прекината откако пропалестинските демонстранти влегоа во дел од рутата во центарот на Мадрид, пишува Данас.
Препорачано
Демонстрантите ги урнаа бариерите и ги окупираа улиците на неколку точки по должината на рутата, вклучувајќи ја и Гран Виа, каде што велосипедистите требаше да возат неколку пати.
На улиците на шпанската престолнина беа распоредени повеќе од 1.000 полицајци, а се очекуваат и демонстрации. Данскиот велосипедист Јонас Вингегард, кој водеше пред 21-та и последна етапа, беше прогласен за победник.
За време на овогодинешната Вуелта имаше разни протести против тимот Израел-Премиер Тек, што доведе до скратување на некои етапи. Некои велосипедисти имаа несреќи за време на нивните возења како резултат на протестите и изјавија дека се чувствуваат небезбедно.
Минатата недела, возачите на Израел-Премиер Тек почнаа да возат во модифицирана опрема на која немаше името на нивниот тим.
„Сè уште не е познато дали ќе има церемонија за прогласување на победникот со оглед на моменталната ситуација, со илјадници демонстранти во центарот на Мадрид. Трката официјално заврши и Јонас Вингегор е победник“, рекоа организаторите.
Шпанија е една од најгласните членки на Европската Унија во своите критики кон Израел, а шпанскиот премиер Педро Санчез честопати остро зборуваше против израелската влада и нејзината војна во Појасот Газа.
Шпанија е исто така една од европските земји која повторно бара Израел да биде исклучен од Евровизискиот натпревар за песна во 2026 година. Војната во Појасот Газа трае речиси две години, а според палестински извори, околу 65.000 луѓе се убиени.