
Производите се расипуваат штом ќе помине гаранцијата, трговците не се расположени за трошоците за поправка или замена
Европратениците предлагаат потрошувачите да добијат замена при поправка на нивните апарати, да се промовира поправената стока како алтернатива, да има поголема достапност на резервни делови и да се воведат субвенции за потрошувачите кои сакаат да поправаат
Немојте да си ги губите времето и нервите ако ви се расипе некој кујнски апарат, откако му минала гаранцијата. Ако станува збор за миксер, тостер, фен или правосмукалка, чија што цена е релативно евтина, поарно е да го фрлите во ѓубре. Ова е неофицијалниот совет, кој „Слободен печат“ го доби од повеќето мајстори од овластените сервиси на разни брендови на бела техника. Ситуацијата е нешто посложена, кога станува збор за бојлер, шпорет, фрижидер или телевизор, кои се далеку поскапи и не се купуваат секој ден. Но и за нивните поправки ќе ве мавтаат сè додека не измине гарантниот рок, а ќе се изнаслушате такви небулози, кои се граничат со разумот. И сето тоа е за да се скрие фактот дека трговците не се расположени врз себе да ги преземат трошоците за поправка или замена.
Препорачано
– Купив миксер, гаранцијата му беше шест месеци. За кусо време ми се скрши едната маталка. Штом видов дека нејзината цена е речиси поскапа од цената на апаратот, го фрлив во ѓубре – раскажува една скопјанка.
– Чевлите ми се скинаа по неколку носења, а знаете што доживеав од продавачите – да ми кажат дека не сум знаела како да ги облечам – се жали друга граѓанка.
На социјалните мрежи и по медиумите може да се слушнат и прочитаат и такви поплаки дека лаптопот се расипал поради погрешно вметнување на џекчето за струја! Или, пак, дека агресивното триење со абразивни средства е виновно за тоа што пукнала керамичката плоча на шпоретот!
Од Организацијата на потрошувачи за „Слободен печат“ велат дека примаат многу поплаки на односот на трговците за поправка или замена на производите.
Ваквиот однос го забележаа и европските парламентарци кои бараат од трговците да обезбедат повеќе резервни делови и поправки за расипаните производи.
– Европскиот парламент ги поддржа правилата на ЕУ што ќе обезбедат потрошувачите да имаат право да ги поправаат производите, да ги намалат трошоците за резервни делови и да ја зголемат нивната достапност. Европратениците го усвоија извештајот за директивата на ЕУ, чија цел е да ги направи поправките подостапни и подостапни за европските потрошувачи. Претставниците предлагаат потрошувачите да добијат замена при поправка на нивните апарати, да се промовира поправената стока како алтернатива, да има поголема достапност на резервни делови и да се воведат субвенции за потрошувачите кои сакаат да поправаат. Според предлогот на ЕП, производителите не треба да одбијат да поправаат уред само врз основа на тоа што претходно бил поправен од независен или професионален сервисер или ако претходната поправка била извршена со употреба на неоригинални, но компатибилни резервни делови – објави Хина.
Во ЕУ годишно се произведуваат 35 милиони тони отпад, иако голем број граѓани сакаат да си ги поправаат уредите, истакна во дебатата известувачот од надлежниот Комитет за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите, германскиот социјалист Рене Репаши. Тој посочи дека за потрошувачите надвор од гарантниот период, поправката често не е достапна. Според истражувањето на Евробарометар, дури 77 отсто од потрошувачите повеќе би сакале да ги поправаат своите уреди отколку да купат нови, потсети хрватската европратеничка Сунчана Главак. Таа особено се фокусираше на поправката на неисправни производи и по истекот на гаранцијата.