
Проф. Спасеновски и отец Доситеј од Бигорски се сретнаа со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Грција
Професорот на Правниот факултет од Скопје, Александар Спасеновски и архимандритот од манастирот Св. Јован Бигорски, Отец Доситеј, во Грција имале средба со Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Спасеновски бил гостин на дел од настаните што беа организирани за време на посетата на Вартоломеј на Грција, каде и разговарале со Вселенскиот патријарх.
Препорачано
Како што објави Бигорскиот манастир, проф. Спасеновски и Отец Доситеј му се заблагодариле на Патријархот за неговата грижа за Црквата и за историската и визионерска одлука со која ја призна каноничноста на МПЦ-ОА.
Професорот Спасеновски во изјава за американското радио „Флорида“ ја потенцирал благодарноста до организаторите на овој настан за поканата да бидат дел од посетата на Вселенскиот Патријарх.
-За нас како луѓе кои за првпат имаат можност да се сретат со личности од Вселенската Патријаршија по историската одлука од 9 мај, овој настан претставува повод за да ја искажеме својата благодарност од историската одлука на Вселенската Патријаршија за признавање на канонскиот статус на нашата Црква… Конечно се надевам и дека ќе можеме да ги споделиме нашите очекувања дека финалето на овој историски процес којшто започна на 9 мај успешно ќе биде заокружен на 12 јуни, кога нашиот Архиепископ и нашите верници ќе имаат можност во седиштето на Вселенската Патријаршија да бидат дел од историскиот настан во кој заедно ќе сослужуваат нашиот Архиепископ Стефан и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј“, изјавил Спасеновски.
„На Вселенскиот Патријарх во знак на благодарност за неговото големо дело му подаривме сребрена копија од чудотворната икона на Свети Јован од нашиот македонски скапоцен бисер – Бигорскиот Манастир“, напиша Спасеновски во објава на Фејсбук.

Инаку, Вартоломеј вчера попладне одржал поздравен говор на Универзитетот Аристотел во Солун на теолошката конференција организирана во негова чест. Притоа, сите учесници на конференцијата го поздравиле и му честитале за одлуката од 9 мај оваа година, со која тој ја прими Охридската Архиепископија во канонско и евхаристиско единство.