
Продолжуваат проблемите со превозот: Автобусите се нечисти и без клими, а контролорите дрски, се жалат граѓаните
Скопјани што користат јавен градски превоз и понатаму се соочуваат со истите проблеми, кои надлежните не успеаја да ги решат со години. Навистина, откако шест месеци низ градот возеа само автобусите на ЈСП „Скопје“, враќањето на приватните превозници на скопските улици, колку толку го нормализира јавниот превоз, од аспект на тоа дека се зголеми бројот на автобуси во сообраќај.
Препорачано
Но, освен повеќе автобуси и помалку чекање на автобуските станици, за граѓаните што секојдневно користат јавен превоз, ништо друго не се промени. Приватниците се вратија во сообраќај со истите стари автобуси, а и повеќето возила на ЈСП се во лоша состојба.
Градоначалничката Данела Арсовска пролетва изјави дека приватните превозници ќе возат со постојните автобуси, но имаат обврска да ги модернизираат, па дел од превозниците веќе започнале да го подобруваат возниот парк.
Некои од граѓаните со кои разговаравме тврдат дека ништо не е подобрено, а дека во изминативе три недели најголем проблем имале со тоа што речиси во ниеден од приватните автобуси нема клими, па во зависност од типот на автобусот на плус 40 степени се возат со отворени прозорчиња, или доколку во нив нема прозорци што се отвораат, се возат препотувајќи се. Како што велат, клима не се пушта ниту во дел од автобусите на ЈСП, а зошто е тоа така нема одговор.
Но, она на што граѓаните особено реагираат е односот кон патниците на контролорите во автобусите.
Влегуваат во автобусите како „локални шерифи“, без никаков однос кон луѓето. И никакво објаснување не помага доколку во моментот утврдат дека не сте платиле карта. А многу често се случува на валидаторите да не може да се плати со телефон или човек да не избројал уште колку „возења“ има на билетот, па да нема како да плати. Во автобусите нема веќе подолго време да се купи билет за едно возење. Системот за наплата им е далеку од совршен, ама нема објаснување, се однесуваат како кој знае каков криминал да си направил и така те третираат – раскажува Ивана од Карпош.
Според неа, меѓу контролорите има и една жена и секогаш кога со нејзиниот колега влегуваат во автобус, таа ги исклучува валидаторите, демек, како што тврди нашата соговорничка, да не плати некој што дотогаш нема платено за карта. Но, како што раскажува таа, не можат да платат ни тие што во автобусот влегуваат по контролорката па се случуваат разни непријатни ситуации.
Деновиве во автобус на линија 7 на ЈСП екипата на „Слободен печат“ сведочеше на ситуација кога валидаторите одбиваа плаќање со телефон, а во автобусот влегоа контролори. Притоа, сите оние што не можеа да платат со телефон, беа препраќани кај шоферот да купат карта од 120 денари, затоа што ги нема во продажба билетите за едно возење од 50 денари. Така, граѓаните без своја вина беа приморани да платат тројно повеќе за едно возење иако контролорот лично се увери дека не може да се изврши уплата преку телефон.
Од ЈСП „Скопје“ веќе вообичаено нема одговор зошто подолго време нема во автобусите билети за едно возење, ниту зошто се „казнуваат“ патниците што сакаат да платат, а не можат, ниту одговор на прашањето кој го дозволува и толерира потценувачкиот однос на контролорите кон патниците. Од претпријатието едноставно не чувствуваат одговорност да дадат објаснување за ваквите непријатни ситуации за граѓаните, кои уредно си плаќаат за своите услуги.