Општина Струга
Фото: МИА

Процесот за дивата депонија на влезот од Струга излезе од судница: Еколошка бомба која мора да се дислоцира

Откако струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и министерот за животна средина, Насер Нуредини денеска не се појавија на судското рочиште за струшката дива депонија, случајот излезе од судница и се префрли на самото место каде настана оваа потенцијална закана за граѓаните на Струга и туристите, објави Алсат.

Судскиот процес го покрена невладинaта организациja „Македонско здружение на млади правници“ против локалната и централната власт за непостапување при решавањето на овој еколошки проблем.

Според адвокатот Глигорие Ќатоски и граѓански активист дивата депонија мора да се дислоцира и да се санира штетата.

-Ова чудовиште кое се наоѓа во непосредна близина на градот Струга треба да биде дислоцирано. Поентата на денешното судско рочиште на лице место е да го увериме и судот и јавноста и странките во постапката прво во големината на оваа депонија и потенцијалната идна штета која може да произлезе“, рече Ќатоски.

Иако дивата депонијата се наоѓа на плодното струшко поле и во непосредна близина на посеви кои потоа се пласираат на пазарите, Општина Струга, не гледа опасност од неа.

„Не е еколошка бомба. Не знам зошто мислите дека оваа дива депонија е поразлична од било која друга депонија. Инаку, дислоцирање на оваа депонија беше во рамките на програмата на градоначалникот во изборите. Тој тоа го прифати и во своите активности заедно со Република Македонија да го реши тој проблем. Поединечно немаме услови и не можеме законски да постапиме поинаку“, рече Драган Коровешоски кој е адвокат на општина Струга.

Мега депонијата зафаќа површина колку 4 фудбалски игралишта, тврдат граѓанските здруженија и  претставува опасност, не само за езерото и граѓаните, туку и за целиот еко систем во околината со оглед на тоа што таму се депонираат 40.000 тони смет годишно.

На само петсто метри од дивата струшка депонија се првите куќи, како и реката Црн Дрим. Иако им вети на граѓаните, градоначалникот Мерко не вложи напори да ја дислоцира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот