
Процесот на евроинтеграција не е блокиран, тој е жив, има многу сегменти и продолжува, порача Муртезани
Процесот на евроинтеграција не е блокиран, тој е жив, има многу сегменти и продолжува. Бугарското вето подразбира пречка за отворање на преговорите според преговарачката рамка, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани, одговарајќи на новинарски прашања.
Препорачано
-Тоа што ние се фокусираме во Планот за раст е бидејќи ЕУ преку оваа рамка им овозможува пристап на граѓаните на Западен Балкан кон услуги кои ексклузивно биле само за земји членки на ЕУ. Затоа, без да станеме членка граѓаните на земјите кандидати може да бидат дел од овие поволности – изјави Муртезани.
Во однос на барањето решенија и отворање на преговорите, Муртезани посочи дека нашата држава секогаш покажувала спремност.
-Но, за жал тенденцијата на билатерализација ги потврдува нашите ставови дека билатерализацијата ќе продолжи и понатаму – изјави Муртезани.
Муртезани уште еднаш посочи дека како Влада не се плашат од никакви барања, туку тие нови барања да не бидат билатерални и да не се претвораат во блокади.
-Кога ги слушаме високите претставници од Брисел, тие велат спроведувајте ги уставните измени. Кога ги слушаме претставниците од Бугарија, тие велат уставните измени, преговарачката рамка, протоколите. Ова значи дека не е истиот став. Ние велиме, дека ако се инсистира на сите овие на кои инсистира Бугарија, а вклучувајќи го и вториот протокол, тоа е голем ризик, оти ако внимателно го читаме протоколот, гледаме таму сè е билатерализирано и сите тие чекори во иднина може многу лесно да се претворат во блокади – изјави Муртезани.
Во однос на протоколите од Договорот за добрососедство со Бугарија, Муртезани рече дека клучниот проблем е унитералната позиција на Бугарија, којашто се претвора во заедничка позиција на ЕУ.
-Унилатералната интерпретација на сите тие документи на Бугарија е преку призмата на билатерализација. Ние сметаме дека за сите тие документи, коишто дел се во преговарачката рамка, а дел не се, со тргање на диоптријата на билатерализација може да се најде начин ние да се движиме напред, меѓутоа ако се инсистира на сите тие документи да се гледа исклучиво од билатерална диоптрија, мислам дека ќе останеме блокирани и понатаму – изјави Муртезани.
Според Муртезани, не значи дека ако имаме завршена преговарачка структура, таа ќе чека сè додека не се изнајде решение со Бугарија, посочувајќи дека државата веќе ги има добиено сите шест извештаи од скрининг процесот и структурата за преговори која ќе им дава насоки на институциите за спроведување на потребните реформи.