
Признавање без спасување: Празниот подарок на светот за Палестинците
Додека геноцидот во Газа продолжува несмалено, а доселениците беснеат на Западниот Брег заедно со војската, светот ја исполни својата минимална обврска со признавање на држава што најверојатно никогаш нема да се реализира.
На денот кога светот ја призна палестинската држава, тргнав, заедно со фотографот Алекс Левац, кон едно оддалечено палестинско село во источниот дел на Западниот Брег.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Ден претходно, доселеници од новите нелегални населби во близината украдоа десетици овци од селото во насилен вооружен грабеж. На денот кога Обединетите нации одржаа конференција на високо ниво за решението со две држави и 10 западни држави се приклучија на долгата листа земји што веќе ја признаа имагинарната држава, патот Алон беше речиси испразнет од палестински возила. Повеќето патишта на Западниот Брег сега се блокирани со железни порти кои се отвораат и затвораат по желба на израелските воени команданти.
На денот кога 159 држави веќе ја признаа државата од соништата, 81-годишниот овчар Садек Фархана лежеше дома, стенкајќи од болка. Ден претходно, доселениците немилосрдно го претепаа со палки без никаква причина, кршејќи му ги двете раце, и покрај неговата поодмината возраст. Неговиот внук седеше до него, со завој на главата: и тој беше повреден во грабежот на доселениците. Израелската полиција брзо лажно ги обвини палестинските овчари, без да спроведе истрага, велејќи дека тие ги ограбиле доселениците. Новопризнаената држава нема полициски сили за да ги заштити своите жители.
На денот кога претседателот на Франција славеше дипломатска победа, палестинската државност изгледаше подалечна од кога било. Во ниту еден момент досега сонот за држава не изгледал толку одвоен од реалноста на теренот. На претседателот на државата во создавање Махмуд Абас, дури не му беше дозволено да дојде во Соединетите Држави за да присуствува на конференцијата на која се разговараше за неговата земја, што е флагрантно прекршување од страна на САД на договорот со ОН.
Во тој ист момент, најбараниот човек од Меѓународниот кривичен суд (МКС), Бенјамин Нетанјаху, кој е осомничен за извршување злосторства против човештвото, се подготвуваше за своето патување во Њујорк. Претседателот на државата што речиси целиот свет сега ја „признава“ ќе присуствува на Генералното собрание преку видео врска, додека најбараниот број 1 на МКС ќе ѝ се обрати на салата од подиумот.
На денот кога светот ја призна палестинската држава, 61 лице беа убиени во Газа, приближно ист број како и претходниот ден и денот потоа, како што е случај секој ден во последните месеци. Признавањето не спаси и нема да спаси ниту едно дете од Газа од бомбардирањата. Газа е непогодна за човечко живеење, а ситуацијата за Палестинците што живеат на Западниот Брег постепено станува слична.
Се сомневам дека стариот човек што беше претепан воопшто слушнал за признавањето. Британските и француските декларации не променија ништо за него; дури и Андора и Монако да се приклучат, неговата судбина нема да се промени; овците што му беа украдени нема да бидат вратени дури и Луксембург да се приклучи на листата.
Светот, а особено самоправедната Европа, оваа недела им оддаде празна почит на жртвите во Газа и на Западниот Брег. Додека геноцидот во Газа продолжува несмалено, а доселениците беснеат на Западниот Брег заедно со војската, светот ја исполни својата минимална обврска со признавање на држава која најверојатно никогаш нема да се реализира. Колку е лесно да се признае, колку е тешко да се запре геноцидот. Израел, како и обично, извика „антисемитизам“. Сите еврејски партии во израелската опозиција – вклучувајќи ги и демократите на Јаир Голан – застанаа со владата во осудата на признавањето.
Секој кој, како мене, очајно се надеваше на драматичен итен потег од светот за веднаш да се запре систематското убивање и уништување во Газа пред сè друго, наместо тоа доби потег што само ќе ги влоши работите. Шефовите на држави сега можат да се уверат себеси и своите вознемирени граѓани: Го казнивме криминалецот и ја наградивме жртвата. Повеќе не треба да мрднеме со прст за Газа, го направивме своето.
Трагично, да се признае палестинска држава сега е апсурдно, речиси лудо. Во моментов нема партнер за решение со две држави, ниту во Израел, ниту во Палестина. Газа е уништена и на Западниот Брег повеќе нема место за држава која не е збир од Бантустани. Дали сакате да го спасите преостанатиот остаток од Газа? Мора веднаш да се воведат остри санкции против Израел. Дали сакате долгорочна визија? Демократија за сите луѓе од реката Јордан до Средоземното Море.
Хаарец
(Авторот е новинар)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“