
Приватни компании и натаму ќе ги користат македонските природни ресурси, но тоа ќе ги чини повеќе
Од 1 јануари, надоместоците за експлоатација на природни ресурси во земјава ќе се зголемат, во некои случаи и за сто отсто, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Од министерството велат дека оваа мерка е „дел од напорите за пофер наплата и регулирање на користењето на националните богатства“. Еколошките здруженија, од друга страна, подолго време бараат државата целосно да запре со издавање концесии на приватни компании за искористување на македонските природни ресурси, наведувајќи дека таквите аранжмани се апсолутно неисплатливи за државата.
Препорачано
Измените во Тарифникот за концесии, усвоени од Владата и објавени во Службен весник, предвидуваат:
Простор за експлоатација: Зголемување на надоместокот за 30%.
Експлоатација на мермер: Наместо фиктивна цена, 5% од приходот од продажба.
Металични минерали: Зголемување од 2% на 4%.
Неметалични минерали: Просечно зголемување од над 100%.
Енергетските минерали, како јагленот, остануваат со исти надоместоци за да се избегне раст на цената на електричната енергија.
Министерката Сања Божиновска изјави дека мерката ќе го зголеми годишниот приход од сегашните 10 милиони евра, средства кои ќе се вложат во јавни услуги и економски развој.
„Целта е фер наплата, одржлив развој и максимални придобивки и за државата и за приватниот сектор,“ рече Божиновска.
Овие измени се засноваат на препораки од Државниот завод за ревизија, кој укажа дека концесиските надоместоци во Македонија се меѓу најниските во регионот. Министерството истакна дека продолжува со напорите за одговорно управување со природните ресурси и зголемување на економските ефекти од нивната експлоатација.