Стојан Николов

Пријава од Финансиската полиција е политички притисок, вели градоначалникот на Росоман, Николов

Градоначалникот на Росоман, Стојан Николов, кој доаѓа од редовите на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), денеска на прес-конференција рече дека поднесувањето на кривична пријава против него од страна на Финансиската полиција е политички притисок.

Тој целосно ги отфрли сите наводи во кривичната пријава од Финансиската полиција, оценувајќи ги како политички притисок пред изборите наесен.

„Во однос на тоа дека сум фалсификувал документи и тоа целосно го демантирам, ниту досега, ниту отсега ќе го правам тоа. Општина Росоман ја раководам одговорно и чесно во изминативе години, така ќе се продолжи во периодот што следи. Во однос на вторите наводи каде што сум обвинет за злоупотреба на службената полжба и стекнување на противправна имотна корист, односно за репрезентации, прехранбени продукти и горива и тука целосно демантирам. Затоа што, знаете дека сите овие ставки се предвидувааат со буџетот, се менуваат со ребаланс, се усвојуваат со завршна сметка. Исто така целосно демантирам дека сум користел вакви средства за да купувам прехранбени продукти, пијалоци за потреби што не се на општината. Сите овие ставки се искористени за потребите на општина Росоман, Советот на општината но и за манифестациите што ги организира општината, социјални пакети и друго. Сето ова, доколку обвинителството цени, ќе го докажам со докази и документи доколку е потребно, рече Николов, додавајќи дека очекува Јавното обвинителство да ја отфрли пријавата.

Според градоначалникот, негов интерес се само граѓаните и нивните потреби и доброто на општина Росоман.

– Општина Росоман во изминативе четири години под мое водство заедно со општинска администрација, заедно со Советот, можам да кажам дека од рурална општина прерасна во урбана општина, рамо до рамо со поголеми општини. Кривичната пријава од страна на финасовата полиција е само еден мал сегмент од притисокот што се прави врз мене и општина Росоман. Замислете, пред две недели, за документи што се земаат по службена должност по пат на допис, во општина Росоман упаднаа припадници на МВР, небаре овде има криминална група. Исто така не ни дадоа и согласности за отворање на новиот дел на градинката, рече Николов.

Управата за финансиска полиција вчера до Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе кривична пријава против С.Н. во својство на градоначалник на Општина Росоман, за фалсификување исправа.

Според Управата:

„Пријавениот С.Н. во својство на градоначалник на Општина Росоман, постапил спротивно на Закон за градење, на начин што изготвил 6 лажни јавни исправи, од кои четири одобренија за градење и две одобренија за реконструкција на улици, ги употребил како вистински во правниот промет, на кој начин биле искористени парични средства во износ од 14.023.318 денари обезбедени од страна на Центар за развој на Вардарски плански регион – Биро за регионален развој, парични средства во износ од 6.740.517 денари обезбедени од страна на општина Росоман и парични средства во износ од 15.134.066 денари обезбедени од страна на Министерство за транспорт“.

Пријавениот, според пријават од Финансова, причинил штета на буџетот на општина Росоман во вкупен износ од 2.876.329 денари (околу 46.000 евра), со што го сторил кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот