Илустрација: „Слободен печат“ - Елисавета Бејкова
Илустрација: „Слободен печат“ - Елисавета Бејкова

Претставка до Уставниот суд: Фер ли е вонбрачните другари да се лишени од наследство?

Претставката содржи наводи дека делови од Законот за наследувањето не се во согласност со Уставот и тоа во деловите кои пропишуваат дека умрениот го наследува само неговиот брачен а не и вонбрачен другар, како и тоа дека само брачниот другар а не и вонбрачниот е наследник од прв наследен ред.

Уставниот суд примил претставка со иницијатива за оценување на уставноста на тоа што вонбрачните другари во Македонија со години се лишени од правото да наследуваат имот од нивниот починат вонбрачен другар. „Слободен печат“ дојде до претставката која до Уставниот суд ја доставил подносителот Димитар Шулевски. Од Уставниот суд за нашата редакција потврдија дека на 18 август оформиле предмет по претставката во која се оспоруваат членовите од Законот за наследување.

Ве информираме дека во тек е претходна постапка, во рамки на која согласно Актот на Судот се испитуваат податоци и информации кои се потребни за одлучување. На подготовка на Рефератот работи тим од судија-известител и советник. Кога Рефератот ќе биде завршен, ќе се предаде на претседателот за да го стави на Дневен ред за дискусија, информираат од Уставниот суд за „Слободен печат“.

„Слободен печат“ дојде до претставка упатена кон Уставниот суд. Во неа пишува дека кога во Законот за наследување се користи терминот „брачен другар“ и кога тој термин во праксата рестриктивно се толкува, тоа создава нееднаквост меѓу брачниот и вонбрачниот другар и покрај фактот што брачната и вонбрачната заедница се изедначени. Во претставката пишува дека на вонбрачниот другар му се одзема уставното право на наследување од неговиот починат другар со кого живеел во вонбрачна заедница.

Вонбрачната заедница е се поприсутна во македонското општество без исклучок кај сите етнички заедници и без оглед на верска определеност и за неа ургентно се наметнува потребата од законско уредување и регулирање со други подзаконски прописи, смета подносителот.

Претставката содржи наводи дека делови од Законот за наследувањето не се во согласност со Уставот и тоа во деловите кои пропишуваат дека умрениот го наследува само неговиот брачен а не и вонбрачен другар, како и тоа дека само брачниот другар а не и вонбрачниот е наследник од прв наследен ред.

Подносителот Димитар Шулевски за „Слободен печат“ вели дека за него несфатливо е како со години со закон била толерирана неуставност, во ситуација кога Уставот ја поставува еднаквоста на граѓаните пред законот како една од темелните вредности на уставниот поредок.

-Се работи за Законот за наследување во кој што во наследувањето се изедначени во целост брачното и вонбрачното сродство. Од друга страна во Законот за семејството е определено недвосмислено дека брачната и вонбрачната заедница се изедначени доколку вонбрачната заедница траела повеќе од 1 година. И покрај тоа, во Законот за наследување во наследните редови не е посебно потенциран вонбрачниот другар туку само брачниот другар. Тоа досега предизвикуваше исклучување на вонбрачниот другар од можноста да наследува односно вонбрачните другари меѓусебно не можеа да се наследуваат иако со посочената еднаквост на брачната и вонбрачната заедница треба и вонбрачниот другар да биде идентично третиран како брачниот другар, изјави тој за „Слободен печат“.

Тој е уверен дека Уставниот суд темелно ќе го проучи овој проблем за кој напоменува дека не е денешен туку се провлекувал со години наназад уште од донесувањето на Законот за наследување. Во Законот за наследување досега како што потенцира тој, направени се најмалку измени и дополнувања. Еден таков пример е отстранувањето на одредбата што постоела во Југославија дека ќе се лиши од наследство тој што со илегално преминување на границата ќе емигрира во странство.

-Сметам дека Уставниот суд ќе донесе правилна одлука и ќе ги отстрани од правниот поредок неуставните одредби од овој закон. Само да напоменам дека Законот за наследување по се изгледа е механички преземен од Законот за наследување на  Југославија. Тоа не значи дека Законот за наследување не е добар. Тој е изготвуван и работен од најголемите стручни лица и правници од СФРЈ. Но, текот на времето и временските движења направиле некои одредби да заостануваат зад времето како што на пример е вонбрачната заедница. Се повеќе и повеќе станува популарна и присутна особено кај младите луѓе кои се повеќе и повеќе велат за вонбрачната заедница дека „живееме заедно“, вели Шулевски.

Тој има поднесено и претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за отстранување на дискриминацијата меѓу брачниот и вонбрачниот другар во поглед на наследувањето. Во претставката навел дека се работи за посредна дискриминација. Исто така вели дека ќе ја испита можноста за поднесување поднесок за заштита на поединчно право до Уставниот суд затоа што и Уставниот суд има надлежност да ги штити поединечните права на граѓанинот кога тие се со акт на државен орган па и суд повредени.

-Мое мислење е дека за овој проблем треба да бидат консултирани и други органи, како Министерството за правда како ресорно министерство, Управата за водење матични книги која не издава извод од книга на починати на вонбрачните другари, Граѓанскиот суд кој не ги води оставинските постапки по службена должност иако е тоа обврска од Законот за наследување. Исто така граѓанскиот суд треба да се праша од кои причини не ги прима и тоа административно „на шалтер“ барањата за поведување оставинска постапка во која што како наследници сакаат да се пријават вонбрачните другари. За ова прашање треба да се праша и Нотарската комора зашто нотарите ги водат оставинските постапки и расправаат оставина како повереници на судот, ни рече Шулевски.

Во оставинската постапка е задолжително вклучен и адвокат по одлука на Уставниот суд.

-Прашањето е што прави адвокатот во оставинската постапка, дали укажува на несоодветна и неправилна примена на Законот за наследување, конкретно во третманот на вонбрачниот другар како наследник. Мислење би можеле да дадат и професори од Правниот факултет или поединечни адвокати што се занимавале со оваа проблематика, смета подносителот на претставката, вели подносителот на претставката до Уставниот суд. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот