
Претседателот и Уставот
Овој принцип потекнува од англиското право кое, пред неколку векови, предвидуваше дека луѓето родени во Англија се натурализирани субјекти. Меѓутоа, во САД, овој модерен принцип на американско државјанство е санкциониран и со уставната клаузула на 14-тиот амандман на Уставот на САД, ратификуван во 1868 година, кој пропишува дека сите лица родени или натурализирани во Соединетите Американски Држави и кои подложат на нивна јурисдикција, се државјани на САД
Американскиот претседател Доналд Трамп, по инаугурацијата за старо-нов претседател, на 20 јануари, меѓу другото, потпиша и извршна наредба со која се обидува да го прекине уставното право за стекнување државјанство за децата родени на територијата на САД без оглед на потеклото на родителите.
Препорачано
Принципот познат како ius soli (право на почвата), што за идните генерации ќе значи правна и политичка реформа што особено ќе ги погодува обоените луѓе во САД и според оваа наредба, секое дете родено по 19 февруари чиј татко или мајка не е државјанин или легален постојан жител, ќе биде предмет на депортација и ќе му биде забрането да добива броеви за социјално осигурување и разни бенефиции од државата, така што се очекува на повеќе од 150.000 новородени деца годишно да им биде одбиено американското државјанство доколку оваа наредба на Трамп остане во сила и се применува.
Но, сепак, оваа наредба на Трамп веднаш се соочи со правни предизвици од граѓанскиот сектор во САД, како и пет тужби од 22 држави предводени од демократите, при што на 23 јануари, 84-годишниот федерален судија за областа Вашингтон, Џин Кугенаур (назначен во 1981 година од страна на републиканскиот претседател Реган) е првиот судија кој привремено (во следните 14 дена) ја блокираше оваа наредба на американскиот претседател, наведувајќи дека во текот на неговото повеќе од 40-годишно искуство како судија, не може да се сети на ниту еден случај кога претставеното прашање е толку јасно како ова, и оваа наредба ја нарече флагрантно неуставна, закажувајќи рочиште на 6 февруари за да се одлучи дали да се блокира оваа наредба на подолг временски период.
Но, што значи принципот ius soli во американското уставно право?
Овој принцип потекнува од англиското право кое, пред неколку векови, предвидуваше дека луѓето родени во Англија се натурализирани субјекти. Меѓутоа, во САД, овој модерен принцип на американско државјанство е санкциониран и со уставната клаузула на 14-тиот амандман на Уставот на САД, ратификуван во 1868 година, кој пропишува дека сите лица родени или натурализирани во Соединетите Американски Држави и кои подложат на нивна јурисдикција, се државјани на Соединетите Американски Држави и на државата во која живеат; при што овој амандман ја сруши озлогласената одлука на Врховниот суд на САД од 1857 година во случајот Дред Скот, според која уставната заштита не се однесува на поробените црнци во САД што не можат да бидат државјани на САД, така што со овој уставен амандман Конгресот и Сенатот имаа за цел да ја исправат судската неправда кон поробените црнци во САД со нивното лишување од американското државјанство.
Во оваа насока, постои и силниот судски прецедент на Врховниот суд на САД од 1898 година, во кој Судот пресуди во корист на младиот Вонг Ким Арк, роден во Сан Франциско од родители доселеници, кој отиде во Кина да го посети своето семејство, но кога се обиде да се врати дома во САД, не му беше дозволен влез врз основа на тврдењето дека тој не е американски државјанин, но Врховниот суд го виде случајот поинаку и пресуди дека Ким Арк е американски државјанин иако неговите родители беа кинески доселеници.
Сепак, дали претседателот Трамп ќе успее да стави крај на стекнувањето американско државјанство според принципот право на почвата?
Огромното мнозинство американски експерти по уставно право нагласуваат дека, од правен аспект, такво нешто нема да се случи, бидејќи ниту претседателските акти ниту евентуалните измени во законодавството не можат да ја заменат клаузулата за американско државјанство и американската уставна гаранција за стекнување американско државјанство за сите лица што се родени на американска почва, дури и ако Белата куќа некако успее да побара реинтерпретација на прецедентот на Врховниот суд поставен во случајот Вонг Ким Арк во 1898 година, и такво нешто останува невозможно, но, од политички аспект, администрацијата на Трамп има опција да постави ограничување на краткорочните визи за бремени патнички за да не можат да се породат во САД.
Сепак, едно е сигурно, подучувањето на уставното право во САД за колегите американски професори нема да биде исто за време на претседателствувањето на Доналд Трамп, особено ако се има предвид фактот што за време на неговиот прв мандат тој ја вршеше претседателската функција со често занемарување на уставните граници на претседателската власт, навестувајќи го истото и за време на вториот претседателски мандат, според американската поговорка: morning shows the day – денот по утрото се познава.
(Авторот е редовен професор во правната област: уставно и управно право во Правниот факултет на УЈИЕ)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“