Претседателката по средбата со Гир: Нашата иднина е во ЕУ

Пораки за градење единство за прашања од национален и државен интерес, политички и општествен консензус, реформи, исполнување на критериумите за членство – средбата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и шефот на делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир помина во знакот на македонските евроинтеграции.

„Претседателката Сиљановска Давкова посочи на потребата за напредок во процесот кон членство во Европската Унија, како стратешка цел на државата и определба на мнозинството од македонските граѓани. Нашата иднина, според претседателката Сиљановска Давкова, несомнено е во Европската Унија, а местото на нашата држава е на иста маса со европските земји со кои нѐ обединуваат историски, културни и морални традиции и вредности“, се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Претседателката посочила дека е потребен политички и општествен консензус по однос на реформската агенда и усвојувањето на закони за кои е предвидено европско знаменце, со цел, како што нагласила, да се избегне неговата злоупотреба, што било нотирано и од самата ЕУ во изминатиот период.

Сиљановска Давкова истакнала дека и покрај високото ниво на подготвеност на македонската администрација и насобраното искуство, напредокот во исполнувањето на критериумите трпи поради политички околности и потези за кои се одговорни и одредени земји – членки на ЕУ.

Претседателката Сиљановска Давкова беше присутна на вечерашниот настан во рамки на одбележувањето на Денот на Европа.

Претседателката Сиљановска Давкова и евроамбасадорот Гир/фото: Слободен печат
Обраќање на евроамбасадорот, Дејвид Гир/фото: Слободен печат

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот