
ПРЕСВРТ | Од Преспа преку Кочани до избори, како СДСМ ќе се бори за доверба кај гласачите
Во новата епизода на емисијата „Пресврт“,гостува универзитетската професорка и потпретседателка на СДСМ Ана Чупеска. Во студиото на „Слободен печат“, со Чупеска разговаравме за седумгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор – дали ги наплативме европските ветувања или тој остана само политичката цена на сметка на државата? Како гледа СДСМ на барањата од НАТО за зголемено финансирање, наспроти домашната економска реалност? Дали законот за настраданите во Кочани е прашање на грижа или политичка математика пред изборите? Како одговара СДСМ на оценките на ВМРО-ДПМНЕ дека „нема да освојат ниту една општина“ се дел од прашањата на кои говори Ана Чупеска.
Препорачано
– Како СДСМ, нашиот апсолутен приоритет е да настапиме самостојно и силно на претстојните локални избори. Работиме на понуда со најдобрите можни кандидати – луѓе со интегритет, кредибилитет, професионално искуство и реална препознатливост во своите средини. Целта е да понудиме квалитетна и одржлива опција за граѓаните, каде и да се“, изјави потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска.
Таа додаде дека иако самостојниот настап е основна стратегија, партијата останува отворена за локални соработки каде што има изразена граѓанска поддршка за независни кандидати или за пошироки иницијативи.
„Сме подготвени за соработка во специфични општини, каде што граѓаните тоа јасно ќе го побараат и каде што соработката би значела одговор на конкретна локална потреба. Така постапивме, на пример, во Кочани, со поддршката за независниот кандидат Венко Крстевски. Тоа не е класична коалиција, туку поддршка што доаѓа по јасен сигнал од заедницата“, додаде Чупеска.
На новинарско прашање дали ова значи дека СДСМ целосно исклучува можност за коалиција со ДУИ, Чупеска одговори:
„Нашиот прв и основен приоритет е самостоен, стабилен настап, со јасна визија и стратегија. Секако, како одговорна партија, остануваме отворени за разговор доколку се појават специфични, итни и важни потреби на локално ниво – но тие ќе бидат исклучоци, а не правило. Сè уште сме во процес на анализи, па е рано да зборуваме конкретно, вклучително и за општини како Чаир.“
Целиот разговор со потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска, можете да го погледнете вечер во 19.00 часот на каналот на Јутјуб и порталот на „Слободен печат“ во емисијата „Пресврт“ со Дејан Србиновски.