Нано Ружин - поранешен македонски амбасадор во НАТО,

ПРЕСВРТ | Нано Ружин: Стратешкиот договор со Британија како компензација за евроинтегративниот застој

„Нашата држава и политичките структури често ги кријат информациите за задолжувања и финансиски позиции. Се надевам дека таа практика ќе престане. Во случајот со договорот со Велика Британија, постапката е нетранспарентна. Иако тоа можеби е условено од самиот договор со Лондон, по неговото потпишување тој мора да биде достапен за јавноста. Би било коректно да се презентира и во Собранието – макар и на затворена седница – за граѓаните да бидат информирани. Потпишувањето договор со земја која не е членка на ЕУ, а која истовремено жали за напуштањето на Унијата, може да се гледа како утешна позиција во услови на застој на нашите евроинтеграции. Иако Велика Британија е наш пријател без разлика кој е на власт, овој договор не ја заменува ЕУ-перспективата.“

Ова меѓу другото го истакна поранешниот македонски амбасадор во НАТО, професорот Нано Ружин во емисијата „Пресврт“.

– Транспарентност и пред сè контрола на сите текови на средствата каде што одат. Само со тој начин ќе личиме на една вистинска демократија, каде што владеењето на правото и корупцијата полека ќе исчезнува – оцени Ружин.

На прашањето како Македонија може да го достигне новиот праг од пет отсто за одбраната, кој го наложува НАТО и што ќе биде една од темите на претстојниот самит на Алијансата во Хаг, Ружин истакнува дека нашата дипломатија ќе треба малку да се потруди и да каже дека ние не сме во состојба да го исполниме тоа. Тој сугерира државата да биде лукава и можеби преку изградбата на Коридорот 8 кон Бугарија да се компензира односно да се прикаже нашето зголемено вложување во одбраната.

– Ние како држава со таква економија, како Албанија и Црна Гора, тешко можеме да издвоиме 5 отсто во однос на она што НАТО сега го побарува. Можеби, нашата дипломатија ќе треба малку да се потруди, да каже, „ние не сме во состојба, бидејќи немаме ни капацитет, ниту економски, ниту финансиски, ниту технолошки“. Можеби да се поделат работите, и да се види во што и каде ние би можеле да учествуваме – оценува Ружин.

Според дипломатот, со изградбата на Коридорот 8, Македонија би можела да го достигне тоа горно ниво на вложувања во одбраната кое НАТО го побарува.

– Јас, на пример, тоа го гледам преку анализата на некои геополитички прашања. На пример, за нас голем придонес е доколку го изградиме Коридорот 8, а би бил голем придонес и за НАТО. Бидејќи, три држави, Бугарија, Македонија и Албанија би се поврзале со тој коридор. Меѓутоа, тоа би било нешто од нашите адути. Но, гледаме дека проблемот со Бугарија е многу сериозен, ние не сакаме да разговараме за таа тема, а одиме на Коридорот 10 кого го сочинуваат Орбан, Вучиќ, Мицкоски и Грција. Каква ќе биде релацијата и на кој начин тоа ќе биде прифатливо, уште не знаеме – анализира Ружин.

Целиот разговор со Нано Ружин, поранешен македонски амбасадор на НАТО можете да го погледнете вечер во 19.00 часот на каналот на Јутјуб  и порталот на „Слободен печат“ во емисијата „Пресврт“ со Дејан Србиновски. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот