
ПРЕСВРТ | Искра Белчева-Ристовска: Неодговорноста ја парализира администрацијата
Има сериозни недостатоци во функционирањето на институциите, а сите не се поради слабиот капацитет на администрацијата. Многу од проблемите се предизвикани поради политички одлуки, многу поради менаџерски одлуки, а сепак најмногу токму поради неодговорноста – вели Искра Белчева-Ристовска, програмски координатор во Центарот за управување со промени – ЦУП во врска со состојбите во јавната администрација во државата во емисијата Пресврт.
Препорачано
– Ние од ЦУП при нашата активност во следењето на работата на администрацијата со години сме коректив на институциите. Токму при нашиот мониторинг забележуваме дека има нови закони подготвени од Владата и објавени на ЕНЕР како законот за административни службеници, за вработени во јавен сектор како и оној закон за стручно усовршување на административните службеници, кој во принцип се добри, но недостасува оној момент во нив на зајакнување на одговорноста. Многу повеќе можеме да направиме како невладина организација во механизмите на контрола уште во воспоставувањето. Следењето на работата на сите вработени, следењето на работата на носителите на одлуки кои во моментов ги немаме и тие ни се приоритетни предизвици кои треба допрва да ги дадеме во оваа област. Иако во новите закони има многу подобрени решенија, сепак недостасуваат сегменти да имаме стопроцентно функционален закон – појаснува Белчева-Ристовска.
Платформата „оodgovornavlada.mk“ е дел од проектот „Преосмислување на управувањето“, поддржан од Британската амбасада, со кој треба да се воспостави зајакнат центар на Владата од неколку клучни институции кои би требало подобро да ги координираат и планирањето и реализацијата на политиките, посочува програмската координаторка на ЦУП.
„Битно ни е и во Владата, кога се планираат политиките, да бидат базирани врз докази, врз она што е потребно за ресорната област во општеството. Кога ќе се дефинираат индикаторите за тоа што е потребно да се направи и како ќе се мерат, ова ќе биде многу поедноставно и за администрацијата да знае кои се целите и како ќе ја мери својата работа и кон што се стреми, но и за граѓаните, за да знаат точно што да очекуваат од институциите како испорачан резултат“, смета таа.
Целиот разговор со Искра Белчева-Ристовска, програмски координатор во Центарот за управување со промени – ЦУП можете да го погледнете вечер во 19.00 часот на каналот на Јутјуб и порталот на „Слободен печат“ во емисијата „Пресврт“ со Дејан Србиновски.