
ПРЕСВРТ: Додека Израел врши етничко чистење во Газа, Америка го напаѓа Иран
Политичкиот аналитичар и познавач на Блискиот Исток, професорот Сем Вакнин е гостин во најновата емисија „ПРЕСВРТ“. Израелскиот аналитичар во студиото на „Слободен печат“, анализирајќи ги моменталните состојби во Израел, вели дека единствено решение за конфликтот меѓу Палестинците и Израелците, кој трае уште од 1882 година е воено преку етничко чистење од страна на еден од инволвираните народи врз другиот народ. Вакнин проценува дека во наредните денови и недели Америка ќе го нападне Иран воено, а цел на нападите ќе бидат нуклеарните капацитети на Техеран за кои Доналд Трамп остро се спротивставуваше уште за време на првиот негов мандат.
Препорачано
– Бидејќи Блискиот Исток сега припадна на сферите на интерес на САД, Вашингтон може да прави што сака таму. Тоа значи дека дефинитивно ќе го нападне Иран воено, а во меѓувреме ќе му дозволи на Израел да освои делови од Либан, Сирија, но и целосно да владее во Газа. Паралелно Трамп ќе го искористи Египет како медијатор за да го спроведе неговиот план за регионот. Сето ова навестува дека Америка е единствената суперсила во регионот, а Израел ќе биде единствениот партнер на Американците на терен, земји кои ќе владеат со Блискиот Исток – оценува Вакнин.
Вакнин е дециден дека Израел е свесен во моментов за геополитиката на Балискиот Исток и Америка му дава отворени раце тој да изврши и преселување, односно етнично чистење на Палестинците од појасот Газа.

– Единственото решение за конфликтот меѓу Палестинците и Израелците што трае уште од 1882 година е етничко чистење од страна на еден од инволвираните народи. Кога двата народа имаат заедничко тврдење дека ексклузивно го поседуваат правото за една иста територија, во случајов Газа, во отсуство на дипломатија и преговори, единствено решение останува да биде војната. Во исто време етничкото чистење можеби е наједноставниот принцип во конфликтот, а каде што една од нациите таму етнички ќе ја исчисти другата или Израел во најмала рака ќе се обиде да ги премести Палестинците на друга територија. Нетанјаху ќе биде извршителот бидејќи тој ја согледа сегашната геополитичка шанса да ги исчисти, односно физички да ги премести Палестинците од Газа, во што верувам дека ќе успее – оценува Вакнин.
Целиот разговор со Сем Вакнин можете да го погледнете премиерно денес во 18.00 часот на каналот и порталот на „Слободен печат“ во емисијата „ПРЕСВРТ“ со Дејан Србиновски.