Ана Чупеска, потпретседателка на СДСМ

ПРЕСВРТ | Ана Чупеска: Политичката цена е платена – сега треба резултати, одиме самостојно на локалните

Како СДСМ, наш апсолутен приоритет е да настапиме самостојно и силно на претстојните локални избори. Работиме на понуда со најдобрите можни кандидати – луѓе со интегритет, кредибилитет, професионално искуство и реална препознатливост во своите средини. Целта е да понудиме квалитетна и одржлива опција за граѓаните, каде и да се“, изјави потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска при нејзиното гостување во емисијата „Пресврт“ на „Слободен печат“.

На новинарско прашање дали ова значи дека СДСМ целосно исклучува можност за коалиција со ДУИ, Чупеска одговори дека подготвени се за соработка во специфични општини каде граѓаните тоа јасно ќе го побараат и каде соработката би значела одговор на конкретната локална потреба.

„Нашиот прв и основен приоритет е самостоен, стабилен настап, со јасна визија и стратегија. Секако, како одговорна партија, остануваме отворени за разговор доколку се појават специфични, итни и важни потреби на локално ниво – но тие ќе бидат исклучоци, а не правило. Сè уште сме во процес на анализи, па е рано да зборуваме конкретно, вклучително и за општини како Чаир – истакна таа.

Во однос на партиската прозивка која дојде од политичкиот опонент лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека СДСМ нема да освои ниту една општина на изборите во есен, Чупеска посочува дека тоа е дискредитација на нејзината партија односно креирање лош имиџ во неможност да се одговори на барањата и очекувањата на граѓаните за подобар живот во земјава.

– Во моментов нашата партија ужива задоволителен рејтинг кај граѓаните. Во моментов имаме реална причина да сме убедени дека ќе добиеме доволен број на општини низ Македонија. Затоа СДСМ во моментов работи на составување на листа од професионалци за градоначалници вклучително и Скопје со кои ќе излеземе на изборите – истакна Чупеска притоа не откривајќи имиња за евентуални кандидати за Град Скопје и другите општини каде сега СДСМ ги управува.

Во разговорот во студиото Чупеска се осврна и за законот за поддршка на настраданите во Кочани, економските состојби во државата како и надворешно политичките прашања за договорот од Преспа но и проблемот со Софија.

Повеќе од разговорот со професорката и потпретседателка на СДСМ Ана Чупеска можете да го погледнете во видеото погоре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот