
Пресуда за докторката Мери Пешевска од Онкологија
Кривичниот суд денеска во 10 часот треба да ја изрече пресуда за докторката Мери Пешевска, второобвинета во случајот „Онкологија“, откако претходно самата призна вина дека ги оставала факсимилот и лозинката од внатрешниот компјутерски систем да ги користат други специјалисти и специјализанти на Клиниката. Поради тоа, според Обвинителството на 7 пациенти кои сега се покојни им биле препишувани лекови и терапии од кои им се влошило здравјето од страна на некој друг.
Препорачано
Пешевска е обвинета дека на директорот на клиниката Никола Васев му оставила на располагање свој факсимил и лозинка за влез во компјутерскиот систем, за тој во нејзино име да препишува терапија на свои пациенти, која што терапија според Обвинителството била несоодветна и довела до тешко нарушување на здравјето на 7 онколошки пациенти кои сега се покојни.
Пешевска призна дека факсимилот и лозинката за влез во компјутерскиот систем на Онкологија од 2018 до крајот на 2022 година ги оставала на располагање на шалтер на други лекари и на специјализанти, ама не за да оствари корист или за да се случи несовесно лекување – туку за пациентите побрзо да се прегледуваат и да не чекаат за да ја примат терапијата.
-Сакам да појаснам пред судот и сите присутни дека за сите 7 пациенти јас воопшто не бев ординирачки онколог. Тоа биле пациенти на доктор Никола Васев, децидна беше докторката додавајќи дека таа ниту им препишувала терапија на седумтемина за кои Обвинителството тврди дека погрешно биле лекувани, ниту пак го водела нивното лекување.
Според доктор Пешевска, специјализанти и други онколози влегувале во системот со нејзините податоци, но нејзината намера била во интерес на пациентите.
-Јас го дадов своето корисничко име и лозинка во амбуланта, а факсимилот ми стоеше на шалтер. Тоа беше за доброто на пациентите, за да не се малтретираат и да не се враќаат, побрзо да завршат работа за крвна слика, навреме да ја завршат терапијата и да се вратат дома.
Никогаш не сум помислила дека тоа ќе биде злоупотребено од страна на доктори онколози како што е случајот сега. Досега сме имале почит и доверба кон колегите, никогаш не сме се посомневале во стручноста, искуството и намерите.
Оттука јас, поради мојата небрежност и невнимание ги ставив на располагање моите лични податоци, корисничко име и лозинка и факсимилот и истите биле злоупотребени. Но оттогаш па наваму печатот е со мене а компјутерот не го оставам ни секунда вклучен ако не сум таму. Порано на шалтер во „Мој термин“ други луѓе закажуваа прегледи за снимања на мои пациенти, а сега исклучиво тоа го правам јас после овој случај, рече доктор Пешевска во завршниот збор минатата недела.
Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска го допрецизираше диспозитивот на обвинителниот акт. Од него произлегува дека Обвинителството го товари поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, дека како онколог од 2018 до 2022 година на Клиниката тешко им го нарушил здравјето на 7 пациенти на начин што применил очигледно неподобен начин на лекување. Тој според Обвинителството, несовесно постапувал, спротивно на упатствата, без конзилијарно одлучување, надвор од европските пропишани индикации и препораки, ги избегнувал параметрите кои точно ја опишуваат болеста, стадиумот и други параметри кои се исклучително важни за одлуката да се почне со терапија. Според Обвинителството, тоа овозможило непотребно давање терапија, одобрување и препишување дози со недоследност, давање на имуно и таргет-терапија во фаза кога било многу очигледно дека нема време да се развие механизмот на дејство на лекот. Исто така според ОЈО, не била наведена тежината и висината на пациентите што е битно зашто дозата зависи од овие параметри.
-Сето ова му било овозможено од обвинетата Мери Пешевска која како онколог, додека работеле заедно со Васев во критичниот период на одделот дојка, иако била свесна дека поради тоа може да настапи штетна последица, лекомислено сметала дека нема да настапи, па му ставила на располагање свој факсимил со кој одобрувал и препишувал терапија, и свое име и лозинка со која тој раздолжувал терапија во ХИС системот на Клиниката, рече обвинителката Гоговска Јакимовска.
Таа додаде дека со оглед на тоа што доктор Пешевска доброволно, без притисок и искрено дала признание, Обвинителството ќе се осврне на околностите од значење за определување на видот и висината на кривичната санкција. Таа предложи судот да ја огласи Пешевска за виновна и да ја казни согласно законот. Отежнителни околности според обвинителката е тоа што кај 7 пациенти дошло до нарушување на здравјето и тоа што користењето на факсимилот и неовластениот пристап се случувале повеќе пати. Олеснителни околности според обвинителката, се тоа што Пешевска делото го сторила во рамките на својата свесна небрежност, тоа што печатот сега го носи со себе и се исклучува од компјутерскиот систем и самата ги закажува прегледите за своите пациенти.
-Обвинетата даде признание на вина без обид да ја избегне својата кривична одговорност што е за поздрав во ваков предмет, покажа искрено жалење и каење, не е претходно осудувана ниту се води постапка за неа за друго кривично дело. Од доказите што ги предложи одбраната може да се заклучи дека ужива позитивен личен и професионален углед без претходни забелешки во нејзината професионална кариера. Во текот на целата постапка и пред Јавното обвинителство и пред судот има примерно поведение, рече обвинителката.