
Пресуда со препорака за в затвор за Стевчо Јакимовски пред локални избори
По повеќе од шест години судење, притвори, пуштање на слобода, измени на Кривичниот законик (КЗ), победа на локални избори, пред новите избори што треба да се одржат наесен, на градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, му стигна пресудата од Кривичниот суд, но не e ослободителна. И покрај измените на КЗ токму за членот и ставот за кој се гонеше, Јакимовски е осуден на три години и шест месеци затвор, или за бесправното градење на новата општинска зграда – една година, а за злоупотребата на службената положба – три години. Сепак, за двете дела судијката Даниела Димовска му одредила единствена казна затвор од три и пол години.
Препорачано
Пресудата доаѓа во време кога Јакимовски има заострени односи со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат за Општина Карпош изгуби од Јакимовски, кој победи без поддршка од двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинение доби додека на власт беше СДСМ, а тогаш сегашниот премери, а тогашен лидер на опозициската, Христијан Мицкоски ја обвинил тогашната власт за политички притисток.
-Апсењето на лидер на опозициска партија еден месец пред гласањето на претседателските избори не е ништо друго освен чин на брутален политички притисок и израз на огромен страв и паника на заевизмот кој губи. Тоа што досега нема ниту една акција против криминал за кој било човек од оваа власт, а сепак ние остануваме држава заробена во корупција на дното во Европа покажува дека е криминална и варварска власта. Очигледно кампањата на заевизмот се апсења, но во исто време тоа покажува и дека Заев драматично губи кај народот. Нема веќе страв. Не можете вие толку да уапсите колку што ние ќе ве победиме. Доаѓа правда за сите – напишал Мицкоски во 2020 година.
За Јакимовски е очигледно дека оваа пресуда е политички притисок пред локалните избори. Во изјава за „Слободен печат“ вели дека политичкиот прогон кон него трае од 2009 година, откога му се заканувале со затвори.
– Срамота е! Поразен сум како човек, јас сум дал за ова општество. Мојата работа доби четири меѓународни награди, се гледа што сум направил. Нека кажат судиите од овој суд што направија за 25 години. Јас нема од што да се срамам – вели Јакимовски.
И покрај политичките притисоци, тој спасот го гледал во судот од кој очекувал да го заштити.
– Разочаран сум затоа што сите ние бараме спас во судот. Нападнат си од Обвинителството и од полицијата, а тие се политички органи. Прават фалсификати во доказите и ти бараш спас во судот. Носиш докази, докажуваш дека тоа не е така, ништо не се прифаќа. Кривичното дело што ми се става на товар нема врска, апсолутно не е тоа точно. Сите ние знаеме, цела општина, дека се гради барака, а тие ти велат – не, градиш објект. Затоа што времениот објект подложи на прекршочна одговорност, а ако градиш диво изграден објект, тогаш тоа подложи на кривична одговорност. И тие намерно сакаат да ми припишат кривична одговорност и притоа користат фалсификат. Ми фалсификувале потпис демек барање за легализација, што апсолутно нема врска со животот. Ако веќе јас сум поднел барање, тој фалсификат мора да го има и во електронска форма, така бара Законот – вели Јакимовски.
Подготвува кривични пријави за лицата од Обвинителството и Финансиска полиција за како што вели, фалсификувано барање за легализација на општинските бараки кое се користело како доказ во предметот.
Во ваква ситуација, Јакимовски вели „нема поим дали ќе се кандидира на локалните избори“.
Освен Јакимовски, за виновен е прогласен и поранешен вработен во Општината, но на условна казна во траење од две години, која нема да се изврши доколку следните пет години не стори ново кривично дело.
– Судот го прогласи за виновен обвинетиот С.Ј. за кривично дело – бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик за изградба на деловен објект – административен објект на локалната самоуправа, и за ова кривично дело му изрече казна затвор во траење од една година. Предвидената казна за ова дело е од 3 до 8 години затвор, но имајќи ја предвид намената на објектот, како и казнената политика на овој суд, судот ја изрече оваа казна. Според податоците, во овој суд досега се воделе 17 предмети за истото дело, од кои осум се завршени со условни санкции, а само во два предмета се изречени затворски казни. Судот го осуди обвинетиот С. Ј. и за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. со став 1 в.в.со член 45 од Кривичниот законик, на казна затвор во траење од три години – соопшти Кривичниот суд.
Според пресудата, изградениот административен објект на локалната самоуправа се одзема во корист на државата. Пресудата не е правосилна и Јакимовски најави жалба пред Апелацискиот суд.
Според обвинението од август 2018, градоначалникот Јакимовски дозволил објектот на Општина Карпош каде што е сместена општинската администрација да се изгради без одобрение за градба и без соодветно архитектонско-урбанистичка документација.
Јакимовски во својство на градоначалник на Карпош како инвеститор на изведување работи за „Демонтажа, дислокација и изградба на четврта и петта барака на бул. ’Партизански одреди‘ бр. 68“ и „изведба на демонтирани и четврта и петта барака во рамки на урбанистичката парцела на ОУ „Лазо Трповски“, во тек на 2012 и 2013 година спротивно на членовите 56, 59 и 67 од Законот за градење без одобрение за градење и соодветна архитектонско-урбанистичка документација во име и за сметка на Општина Карпош изградил две бараки наменети за општинската администрација. Потоа поднел барање за легализација на двете бараки кое лично го потпишал иако според Законот за постапување со бесправно изградени објекти, бараките не можеле да бидат предмет на легализација затоа што биле изградени по стапување во сила на Законот за легализација.
Премиерот Мицкоски вчера на дебата посветена на реформската агенда порача дека не може да има европско општество ако обвинителот бира по кого ќе отвори предмет, а по кого ќе премолчи, додека Судот носи пресуди по избор на политички центри, а не по закон.
-Уште позагрижувачки е што институциите кои треба да се борат против корупцијата – обвинителството и судството – често пати се неми, неефикасни или пак, под политичко влијание. Реформите во правосудниот сектор се најитни. Без нив, сите други реформи се безвредни – рече Мицкоски.
Пред пресудата за Јакимовски, Судот ја одби гаранцијата од над 2 милиони евра на Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко петрол“, син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски кој остана во притвор во Шутка.