Фото: МИА

Кочанската фабрика „Пејпр мил“ повторно казнета за загадување

По контролниот инспекциски надзор во фабриката „Пејпр мил“ од Кочани, што на почетокот на февруари го направил Државниот инспекторат за животна средина, регистрирано е повторно загадувaње на воздухот над дозволените параметри.

Акредитирана лабораторија измерила надминувања на граничните вредности на емисиите на цврсти честички, односно прашина и јаглероден моноксид што излегувале од фабричкиот оџак.

На 2 февруари од Инспекторатот ја забраниле употребата на пелети како енергенс и издале наредба во рок од пет дена фабриката да премине на природен гас. Дополнително, таа е задолжена во рок од пет дена откако ќе почне да користи гас да направи нови мерења на емисиите во воздухот со акредитирана лабораторија за животна средина.

Поради недозволеното испуштање штетни материи во воздухот, констатирано е прекршување од трета категорија на Законот за животна средина, а Инспекторатот повел прекршочна постапка. Во меѓувреме, одговорното лице на фабриката веќе потпишало записник за меѓусебно спогодување и предметот треба да го разгледа Комисијата за спогодување од Министерството за животна средина.

Глобата за сторениот прекршок за среден трговец, односно за правното лице „Пејпр мил“, изнесува од 110 до 120 илјади евра, а за одговорното лице глобата е шест илјади евра во денарска противвредност, се истакнува во известувањето од Инспекторатот.

Изречената казнена мерка против „Пејпр мил“ не е прва – во изминатите години државните инспектори повеќепати утврдуваа дека таа загадува и не ги исполнува параметрите во издадената А-интегрирана еколошка дозвола и ја казнуваа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот